Во 2024 година евроинтегративниот пат на Северна Македонија се карактеризира со нова политичка динамика и интензивно напната дипломатија, особено во втората половина на годината, пишува Порталб.мк во својата анализа која во продолжение ја пренесуваме во целост:
Претходната влада имаше еден пристап фокусиран на исполнувањето на условите на ЕУ, вклучително и уставните измени за признавање на бугарското малцинство, барање што предизвика внатрешни политички и социјални тензии. Но, претходната влада не успеа да го обезбеди потребното двотретинско мнозинство за да ги направи уставните измени пред парламентарните избори. На изборите кои се оддржаа на 8 мај владејачката партија СДСМ доживеа дебакл и на претседателските и на парламентарните избори. По доаѓањето на власт на Христијан Мицкоски новата влада предложи поинаква стратегија. Мицкоски ја претстави намерата за промена на Преговарачката рамка на ЕУ за ограничување на билатералните барања и за одложување на спроведувањето на уставните измени до полноправно членство. Според него, овој предлог има за цел да го заштити националниот суверенитет, но создаде и неизвесна состојба во односите со Брисел. Од друга страна, Албанија, која беше во иста позиција како и РСМ, успеа да направи чекор напред со отворање на преговорите со ЕУ, пишува Порталб.мк.
Тензиите со Бугарија
Една од главните пречки за напредокот на Северна Македонија на патот на интеграцијата во ЕУ се односите со Бугарија. Бугарија побара уставни измени во Северна Македонија за признавање на Бугарите како национално малцинство. Ова барање предизвика внатрешни тензии и неизвесност за односите на Македонија со ЕУ, бидејќи Бугарија го искористи ова прашање како средство за блокирање на интегративниот процес на Македонија. Во март 2024 година Министерството за надворешни работи на Бугарија го повика амбасадорот на Северна Македонија на разговор за изјавите на македонските политичари кои ги критикуваа барањата на Бугарија за уставни измени. Тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија продолжија и до крај на 2024 година, и со негирањата на претседателот Румен Радев за изјавите на Гордана Силјановска-Давкова. Коментирајќи ја изјавата на претседателката на Република Северна Македонија дека решението на спорот со Бугарија се уставните измени со одложен ефект, тој рече дека таа како добар правник многу добро знае дека обврските добиени од меѓународните договорите едноставно мора да се почитуваат.
Еден друг случај поради кој ескалираше состојбата по доаѓањето на новата влада на власт е изјавата на министерот Александар Николоски, кој рече дека парите за пругата кон Бугарија треба да се пренаменат за брзата пруга на Коридорот 10.
Односите со Грција
Друг важен аспект за интегративниот пат на Македонија е договорот со Грција постигнат во 2018 година, познат како Договорот од Преспа, кој го реши прашањето за името на Северна Македонија и овозможи укинување на грчката блокада за членство во НАТО и ЕУ. Меѓутоа, тензиите со Грција одново се актуелизираа во 2024 година, кога новата претседателка на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, одби да го употреби името „Република Северна Македонија” за време на церемонијата на положување на заклетвата. Ваквиот чин предизвика остра реакција од страна на Грција која ова го протолкува како прекршување на Договорот од Преспа. Силјановска-Давкова и премиерот Мицкоски рекоа дека ќе го почитуваат договорот, но побараа и Грција да ги почитува преземените обврски.
Одвојувањето на Албанија од Северна Македонија
Амбасадорите на земјите од ЕУ едногласно донесоа одлука за почеток на преговорите со Албанија за членство во ЕУ. Ова се случи на 15 октомври 2024 година во Луксембург во рамките на Меѓувладината конференција „ЕУ-Албанија“. Оваа одлука доведе до одвојување на Албанија од Република Северна Македонија на патот кон ЕУ.
Бугарските медиуми дури објавија дека Северна Македонија воопшто не била на дневен ред на состанокот на амбасадорите кога била донесена одлуката Албанија да продолжи напред. Грција посочи дека Албанија ги решила споровите. И поради оваа причина беше одлучено да се започнат преговорите со Тирана.
Мицкоски коментираше дека со оваа одлука се праќа лоша порака до граѓаните на Македонија. Тој оцени дека ниту една земја не направила повеќе работи од нас во последните две децении од почетокот на патот кон полноправно членство во Унијата, а кои немаат никаква врска со критериумите од Копенхаген.
„Ние сме единствен случај во кој билатералните договори се услов во преговарачката рамка“, рече Мицкоски на тогашната прес-конференција.
Барањата на ЕУ и реформскиот процес
Европската унија постави јасни барања за Северна Македонија, вклучувајќи ги тука и реформите во правосудниот систем, борбата против корупцијата и почитувањето на човековите права. Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија за 2024 година ја оцени посветеноста на земјата да ги исполни овие критериуми, но во него е нагласено дека сè уште има многу предизвици, вклучително и корупцијата и потребата за подобрување на судскиот систем. Сепак, уставните измени што ги бара Бугарија се една од главните пречки за напредокот на Северна Македонија во преговорите за членство во ЕУ.
Во овој контекст ЕУ јасно стави до знаење дека не може да има напредок во евроинтегративниот процес без исполнување на одредени услови, вклучително и уставните измени, кои се однесуваат на признавањето на бугарското малцинство. Некои претставници на ЕУ, како комесарот Оливер Вархеји и поранешниот европски амбасадор Дејвид Гир, нагласија дека процесот на интеграција на Северна Македонија е во деликатен момент и дека е потребна целосна политичка посветеност и спроведување на реформите.
Во 2024 година Северна Македонија усвои важна реформска агенда, која има за цел да одговори на клучните социо-економски предизвици и да ја подобри конвергенцијата со Европската унија. Оваа агенда беше одобрена на 23 октомври 2024 година и вклучува низа мерки за подобрување на судскиот систем, борбата против корупцијата и зајакнување на демократските институции.
Реформската агенда е клучен дел од напорите на земјата да ги исполни критериумите за членство во ЕУ и да обезбеди одржлив економски и социјален развој. ЕУ ќе го следи спроведувањето на оваа агенда и ќе одлучува за распределбата на средствата врз основа на постигнатиот напредок.
Коалициони партнери со спротивставени ставови
Спротивните позиции меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ВЛЕН за уставните измени се многу јасни. Лидерите на коалицијата ВЛЕН неколку пати изјавија дека ќе се донесат уставните измени. Дури и првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари изјави дека процесот на уставни измени може да започне од декември 2024 г.
„Да бидам целосно искрен, проблемот воопшто не е дали Бугарите ќе бидат во Уставот, тоа не е проблем, сакавме во преамбулата да бидат и Египќаните и Хрватите. Ова не е пречка, пречка е историскиот проблем меѓу Бугарија и Македонија. И сето тоа не оди добро и го оневозможува одвивањето на преговорите. По изборите во Бугарија и изборите во САД мислам дека ќе се најде решение кое ќе биде излез за Македонија од овој ќорсокак. Мислам дека од декември ќе ги почнеме уставните измени“, нагласи тогаш Таравари.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаа дека треба да се направат уставни измени, но со одложен ефект, со што се ослободува земјата да го заврши процесот за членство во ЕУ пред да се направат големи измени на Уставот.
Овие изјави покажуваат дека меѓу коалициските партнери има константни разлики во ставовите за рокот за спроведување на уставните измени.
Очекувањата за во иднина
Во 2024 година Северна Македонија се најде на крстопат. Иако постои јасна определба за продолжување на интеграцискиот процес за во ЕУ, тензиите со Бугарија и Грција, барањата за уставни измени и несогласувањата во македонската политика се главните пречки. Сепак, Брисел ја нагласи важноста на дијалогот и соработката за решавање на овие прашања, истовремено предупредувајќи дека секое одложување може да ѝ наштети на европската перспектива на Северна Македонија.
Во овој контекст, за Северна Македонија следните години ќе бидат одлучувачки за консолидирање на нејзините позиции и за реализација на заложбите за реформи и решавање на отворените прашања со соседите кои се клучни за нејзиниот евроинтегративен пат.
Со други зборови, можеме да сметаме дека во 2024 година не е дека имаше некаков напредок во однос на евроинтеграциите, и ако се спореди со напредокот на Албанија дури може да се каже и дека имаше стагнација. И 2023 година не беше некоја многу успешна година бидејќи уставните измени требаше да завршат до крајот на годината и со ова Северна Македонија официјално да започне со отворање на поглавјата и одржување на втората меѓувладина конференција. Но, тоа не се случи. Сепак, успешен чекор беше завршувањето на процесот на скрининг, важен процес низ кој минува секоја земја-кандидат која сака да стане членка на Европската унија. На земјата ѝ беа потребни околу 14 месеци за да го заврши процесот започнат во септември 2022 година. Меѓутоа, најважниот и одлучувачки пат штотуку започна, а тоа е усвојувањето на уставните измени, кои во оваа фаза тешко дека ќе се случат.
Во овој контекст, за Северна Македонија, следните години ќе бидат одлучувачки за консолидирање на нејзините позиции и за реализација на заложбите за реформи и решавање на отворените прашања со соседите, кои се клучни за нејзиниот евроинтегративен пат.