Евроамбасадорот Дејвид Гир изнесе серија критики во однос на исполнувањето на препораките за борба против корупцијата од ланскиот извештај на Европската комисија на денешниот работен состанок во Владата, на кој учествуваше и вицепремиерката за политики на добро владеење Славица Грковска. Двајцата ги оценија како „недоволни, бавни и разочарувачки“ спроведените мерки и препораки од Антикорупциската комисија – Националната стратегија за борба против корупцијата и од Европската комисија.
„Иако гледаме некаков напредок во реформите врзани со владеењето на правото, борбата останува разочарувачка. Во извештајот на Европската комисија има јасни насоки што треба да се прави и кои се приоритетите. Сите ги знаеме, но досега премалку е постигнато. Нивото на имплементација е недоволно“, изјави евроамбасадорот Гир.
Вицепремиерката Грковска потсети дека по состанокот во декември минатата година, институциите имаа обврска до Кабинетот да достават планови со конкретни мерки, кои произлегуваат од Извештајот од Европската комисија за 2022 година и од Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за 2021-2025, по што ќе се следи динамиката на нивната реализација.
„Време за чекање и време за губење нема. Не само во поглед на следните европски извештаи, туку и во поглед на очекувањата на граѓаните за суштински резултати во борбата против корупцијата. Ажурното исполнување на обврските зависи од сите нас, кои ги водиме институциите. Приближувањето кон ЕУ значи да ја јакнеме одговорноста и отчетноста на сите институции“, рече Грковска.
Таа изрази жалење што последниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата покажува реализација на Стратегијата за спречување на корупцијата и судир на интереси од само 10 проценти и побара од институциите целосно да се посветат на оваа обврска.
Гир нагласи дека напредокот на нашата држава во делот на справувањето со корупцијата ќе биде сериозно оценуван во наредниот извештај на Европската комисија и поради тоа, додаде тој, неопходно е сите институции, сите релевантни субјекти во државата да се обединат во справувањето со оваа појава.
„Владата, опозицијата и Собранието мора да работат заедно во оваа насока, правосудниот систем мора да ја поврати довербата на јавноста, а важна е и улогата на граѓанскиот сектор и на медиумите. Мора сите да се вклучат во оваа борба“, рече Гир.
Државната секретарка во СЕП, Дрита Абдиу Халили, информираше дека ефикасното справување со корупцијата е предуслов за затворање на секое поглавје и од тие причини е важно сите институции, во секоја област, во сите делови на системот, посветено да работат на ова прашање.
Координацијата со институциите надлежни за справување со корупцијата е динамичен и континуиран процес, кој ќе продолжи со поединечни средби и во наредниот период, бидејќи целта е сите вклучени страни да придонесат кон остварување позитивни резултати што ќе се рефлектираат во следниот извештај на Европската комисија.