Красимир Каракачанов | Фото: WikimediaCommons

На изјавата на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, како и претседател на бугарската партија ВМРО, Красимир Каракачанов, „Соросоидни НВО-а сакаат да ја земат власта, да воведат геј бракови“, реагираше Организацијата на Евреите во Бугарија (ОЕБ) „Шалом“, која порача дека ваквата реторика е антисемитистичка во срж.

Каракачанов ја даде оваа изјава на 32-от ден на протестите со кои се бара оставка на бугарската влада. На социјалните мрежи ваквото искажување на Каракачанов беше проследено со многу коментари, од кои голем дел беа антисемитистички.

„Шалом“, организација која ги обединува Евреите во Бугарија, порача оти е силно вознемирена од изјавата на Каракачанов. Истовремено, порачува дека постојаното прогласување „соросоиди“ иако не се прави во врска со еврејската припадност на милијардерот, бизнисмен и хуманитарец Џорџ Сорос, во суштина е антисемитизам.

„Вмешувањето на името на Џорџ Сорос, унгарски Евреин што го преживеал Холокаустот и е еден од најголемите современи филантропи, во различни конспиративни теории е не само неумесно, туку и потсетува на времињата кога нацистичката пропагандна материја ги посочувала Евреите како „пример“ за постигнување на своите политички цели.

Во последните години името на Сорос, односно терминот „соросоид“ се користи од сите крајно десни организации и политички лидери во Европа и САД, како дел од конспиративните теории, врклучително и оние за ширењето на ковид-19 и Евреите-ционисти.

„И покрај тоа што тие теории поврзани со Џорџ Сорос не го споменуваат неговото еврејско потекло, тие имаат силен антисемитски карактер и служат како основа за вклучување на Евреите во социо-економските процеси во државите низ целиот свет“, соопшти „Шалом“ преку својата Фејсбук-страница.

Организацијата на Евреите во Бугарија порачува и дека не смее да се дозволи јазикот на омразата да завладее со бугарското општество.

„Минуваме низ многу тежок егзистенцијален период од нашата бугарска историја и не смееме да дозволиме јазикот на омразата да завладее со бугарското општество. Ги повикуваме бугарските политичари да не го вмешуват името на Џорџ Сорос во различни конспиративни теории, како и да не дозволат распространување на неонацистичка идеологија во општеството“, порачаа Евреите од Бугарија.