Германската авиокомпанија „Еуровингс“, членка на „Луфтханза“ групацијата, е заинтересирана по повеќе од две децении да ја возобнови авионската линија меѓу Приштина и Белград. Во Берлин денес беа потпишани писмата за намери за воспоставување на редовна авионска врска. Од страна на Србија, потписник е  Министерството за економија, додека Управата за цивилно воздухопловство на Косово ги потпиша писмата од косовска страна со компанијата „Луфтханза“.

И од Белград и од Приштина пристигнуваат позитивни реакции за идната авио линија. Косовскиот претседател Хашим Тачи преку порака на „Твитер“ посочи дека ова е значаен чекор напред за движењето на граѓаните. Српската министерка за сообраќај Зорана Михајловиќ нагласи дека владата веќе некое време работи на создавање административни и технички услови за новата авио линија меѓу Белград и Приштина.

Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја поздрави одлуката на авиокомпанијата „Еуровингс“ да воспостави директна авионска линија меѓу двата града.

– Ова е важен чекор кој ќе го олесни и забрза протокот на луѓе и добра во регионот на Западен Балкан. Командантот на нашата КФОР мисија го задржува воениот авторитет за воздушниот простор над Косово во согласност со Резолуцијата на Советот за Безбедност на Обединетите Нации 1244 – посочи Јенс Столтенберг.

Иницијативата за воспоставување на авионска линија меѓу Белград и Приштина доаѓа во услови кога двата главна града се поврзани единствено со автобуски линии. Идентично како и во авиосообраќајот, железничките линии меѓу Белград и Приштина не функционираат од 1999 година.