Еуропа Ностра: Централната пошта во Скопје меѓу 12-те најзагрозени објекти од културното наследство во Европа [галерија]

Фото: Бојан Блажевски, Мета.мк

Централната пошта во Скопје, во чии рамки е вброена уништената шалтер сала, бруталистичко ремек дело на архитектот Јанко Константинов повторно го привлече вниманието на меѓународната јавност. Еуропа Ностра, најрепрезентативната организација во Европа што се грижи за културното наследство, го вброи заборавениот објект од центарот на Скопје на листата на 12 најзагрозени објекти од културното наследство во Европа. 

„Изборот е направен врз основа на извонредното значење на наследството и културната вредност на секое од местата, како и врз основа на сериозната опасност со која се соочуваат. Нивото на ангажираност на локалните заедници и посветеноста на јавните и приватните чинители за зачувување на овие локалитети се сметаа за клучни додадени вредности. Друг критериум беше потенцијалот на овие места да бидат катализатор за одржлив социо-економски развој“, се вели во образложението на Еуропа Ностра.

Меѓу другите 12 најзагрозени објекти во Европа, на листата се наоѓа манастирот Дечани во Косово, петте јужни егејски острови во Грција, тврдината Нарикала во грузискиот главен град Тбилиси, теснолинејска железница во Тирол, Австрија, потоа урбан пејсаж во Келн, Германија, како и цркви, театри и други локалитети во Бугарија, Хрватска, Франција, Италија и Шпанија.

Листата на 12 најзагрозени објекти во Европа беше составена од меѓународен советодавен панел на експерти од историја, археологија, архитектура, конзервација, анализа на проекти и финансии. Од нив, во март 2021 година ќе биде формиран конечниот список на 7 најзагрозени објекти од културното наследство во Европа.

„Зградата преживеа огромен пожар во 2013 година, а како последица на тоа, оригиналната купола, муралите, осветлувањето и мебелот направени по нарачка или беа целосно уништени или доживеаја сериозно оштетување. Објектот денес е во уште поголема опасност од неискористеноста и влошувањето на состојбата. Бидејќи зградата и понатаму нема покрив, таа страда од директна изложеност на атмосферски влијанија, со дожд и снег што влегуваат во нејзината внатрешност“, се вели во образложението на Еуропа Ностра за загрозеноста на Шалтер салата на објектот Пошта-1.

Советодавниот панел на експерти за ремек делото на Јанко Константинов велат дека е културно наследство од извонредно значење и храбар симбол за повторното раѓање на Скопје по земјотресот. „Централната пошта мора да се прероди по втор пат“, велат тие.

Архитект Јанко Константинов го проектирал објектот Пошта-1 во Скопје, заедно со Шалтер салата, во 1973 година. Објектот е изведен во периодот меѓу 1979 и 1981 година.

Муралот кој беше уништен во големиот пожар во 2013 година е дело на доајенот на македонското сликарство Борко Лазески.