„Еуромакс Рисорсис“, концесионер на проектот за рудник за бакар „Иловица – Штука“ денеска повторно порача дека ќе го развива рудникот во согласност со сите национални закони, вклучувајќи ги и последните измени на Законот за минерални суровини, предложени од политичката партија ДОМ и усвоени во Парламентот.

„Проектот на „Еуромакс“ е целосно усогласен со законските измени кои забрануваат употреба на цијанид и сулфурна киселина во процесот на преработка на рудата. Во декември 2017 година, најголемите акционери и Одборот на „Еуромакс“, земајќи ги предвид загриженоста на локалната заедница и граѓанските здруженија, одлучија овој проект да се развива без употреба на цијанид. Притоа, во проектниот план ги задржаа само физичките процеси на обработка на рудата, а добиениот концентрат на бакар да се транспортира до топилница во Бугарија“, се вели во соопштението.

Во однос на сулфурната киселина, „Еуромакс“ нагласува дека таа никогаш не била предвидена да се користи во проектот.

„Од особена важност е да се создаде модерен рудник кој нема да ја деградира и уништи животната средина, туку повеќе ќе создава можности за економски развој, како и подобрување на стандардите и мерките за заштита на животната средина во регионот. Имаме заедничка одговорност со засегнатите страни, а тоа е заштита на животната средина. За таа цел ќе се формира независно тело кое ќе го следи секој чекор во претстојните фази на нашиот проект, а ќе вклучува независно следење на квалитетот на почвата, водата и локални земјоделски производи“, порачувааат од компанијата.

Рудникот Иловица предизвика голем отпор од локалното население . Имаше бројни протести и блокади во текот на 2017 и 2018 година, како и два локални референдума во Ново Село и Босилево,  по што концесионерот „Еуромакс рисорсис“ објави дека се откажува од лужењето на златоносната руда со помош на цијанид и сулфурна киселина. Сепак, екологистите од струмичкиот крај изразуваат недоверба во искреноста на компанијата и во неколку наврати и упатија ултиматум на Владата да му ја одземе концесијата на „Еуромакс“ и да не дозволи отворање на рудникот Иловица.

Дилемата треба да биде разрешена во првата половина на годинава.