„Еуромакс Рисорсис“ поднесе тужба до Управниот суд, откако Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен ја потврди одлуката на Министерството за економија да му се одбие барањето за дозвола за експлоатација на „Еуромакс Рисорсис“, информираат од компанијата која досега беше концесионер на рудникот за бакар и злато Иловица во струмичко.

„Ние сме уверени во правната позиција на „Еуромакс Рисорсис“, и остануваме целосно посветени на развојот на проектот. Се надеваме дека Управниот суд при разгледувањето на поднесената тужба ќе го поддржи владеењето на правото. Развојот на проектот Иловица-Штука ќе овозможи значајна корист за локалната заедница како и за економијата на целата државата“, се вели во соопштението потпишано од Варшан Гокул, претседател и извршен директор на „Еуромакс Рисорсис“.

Министерот за економија Крешник Бектеши минатата недела соопшти дека ја потпишал предлог-одлуката за едностран раскин на договорот со „Еуромакс“, а следниот чекор е низ владина процедура да се донесе соодветна одлука.

„Ниту ние како влада нема да седиме со скрстени раце, внимателно ги запазивме сите претходни процедури и многу внимателно биле обмислени сите преходни одлуки за да не ја ставиме државата во тешка ситуација во која таа би можела да загуби на арбитражен суд“, рече Бектеши за најавите на концесионерот дека правдата ќе ја бара и пред меѓународните судови.

Одземањето на дозволата за експлоатација на „Еуромакс Рисорсис“, концесионер на струмичкиот рудник за бакар и злато Владата го донесе на 4 јули годинава откако било утврдено дека од „Еуромакс Рисорсис“ не ги доставиле сите потребни документи за екслоатација согласно Законот за минерални суровини.

Жителите на струмичките села Штука и Иловица, во чиј што атар требаше да проработи овој рудник пролетта со недели протестираа пред локацијата на рудникот, блокирајќи го пристапот на вработените на компанијата до рудникот, со барање итно да му се одземе концесијата на „Еуромакс Рисорсис“. Отпорот кон отворањето на рудникот Иловица од страна на месното население трае најмалку две години, проследено со локален референдум, блокади и протести.