fbpx

„Еуромакс“ ќе се жали на одлуката за Иловица, активистите слават „победа на граѓаните и медиумите“

-

Информирани сме за владината одлука, се вели во писмениот одговор од „Еуромакс Рисорсис“, компанија – концесионер на рудникот за бакар Иловица, чиешто барање за издавање на дозвола за експлоатација на рудното богатство беше одбиено на денешната седница од страна на македонската Влада.

Претходно Министерството за економија утврди дека компанијата не ги доставила сите потребни документи кои се бараат согласно Законот за минерални суровини за добивање на дозвола за експлоатација со што се исполнети законските услови за донесување на решение за одбивање на барањето.

„Откако официјално ќе ја добиеме ќе ги искористиме сите правни можности кои се на располагање согласно законски утврдените рокови, односно ќе поднесеме жалба во законскиот рок од 15 дена“, соопштуваат надлежните од „Еуромакс“.

„Денес Давид го победи Голијат, денес граѓаните извојуваа огромна победа против Еуромакс“, објави граѓанското здружение „Здрава котлина“ на својот Фејсбук профил откако беше објавена одлуката на Владата.

„Денес Владата и премиерот Заев, на 142 седница одлучија да стават крај на толерирањето на концесионерот Еуромакс кој веќе 3 години ги крши законите за што цело време алармиравме. Ја поздравуваме одлуката на Владата како вистинска согласно законите на државата, но сепак ќе почекаме 15 дена за и конечно да им се одземе првата концесија за рудникот Иловица – Штука“, се вели во  соопштението на „Здрава котлина“.

За струмичките екологисти собрани околу борбата против отворањето на рудникот „ова е огромна победа на граѓаните, локалните жители, активистите и претставува светол пример каде граѓаните во нерамноправна битка се избориле за своите права наспроти големи корпоративни интереси со огромни ресурси и логистика“.

Тие воедно објавија и крај на блокадата „поради исполнување на целта“.

Активистите и дел од локалното население на селата Штука и Иловица 18 дена го блокираа приодот кон планираниот рудник за бакар Иловица, попречувајќи им го патот на работниците на „Еуромакс“ и на археолозите од струмичкиот Археолошки музеј кои почнаа археолошки ископувања во ридовите над селата, финансирани од концесионерот. Сепак, велат тие, „ќе поставиме патроли кои ќе не информираат за состојбата на терен и повторно ќе реагираме доколку се појават работниците на Еуромакс“, препорачувајќи им да ја избегнуваат планината и непотребни провокации.

Според Ѓорги Танушев од „Здрава котлина“ медиумите одиграле многу значајна улога во борбата на населението од струмичкиот крај против отворањето на рудникот Иловица.

„Кога почнавме со првите облици на нашата борба во 2016, во државата се одвиваше политичка драма и ретко кој од националните медиуми забележуваше што се случува на локално ниво и гласноста претежно беше на Фејсбук“, вели Танушев, еден од поекспонираните борци против рудникот. „Еуромакс не игнорираше, а некои медиуми објавуваа платени ПР текстови како да се вести. Имаше сведочења од новинари кои зборуваа за дебели понуди за текстови што би биле во корист на концесионерот. За среќа имаше и независни новинари кои беа водени од желбата да ја пренесат во јавност вистината за она што навистина се случува на терен“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Излезноста до 13 часот е 26,3 отсто

Излезноста до 13 часот во првиот круг од претседателските избори е 26,35 отсто. Гласале 430.364 граѓани, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК). Оваа бројка е во реалност и...