ЕУ знае колкави ѝ се емисиите на стакленички гасови за лани, Македонија има најнови податоци за 2019 година

Не само што го загадуваат воздухот, туку штетните гасови негативно допринесуваат и за климатски промени; Фото: Бојан Блажевски

Во Европската Унија на квартално ниво редовно се објавуваат податоците за емисиите на стакленички гасови, кои предизвикуваат влијателни дебати меѓу државните раководства, невладините организации и граѓаните за создавање на нови, поцврсти и навремени мерки за намалување на влијанието на климатските промени. Во Македонија, последните податоци за емисиите на стакленички гасови на национално ниво се објавени за 2019 година, а на ниту еден официјален извор од државните институции на интернет не може да се пронајдат понови податоци.

Емисиите на стакленички гасови во четвртиот квартал од 2021 година во земјите-членки на ЕУ изнесувале 1.041 милиони тони еквиваленти на CO2 (јаглерод диоксид), што претставува зголемување за 8 отсто во споредба со последните три месеци од 2020 година, покажуваат податоците на Евростат. На ниво на ЕУ, податоци за емисиите на стакленички гасови се добиваат на квартално ниво, при што едноставно може да се пресметаат и годишните испуштања на тони еквиваленти на јаглерод диоксид, кои ги предизвикуваат климатските промени во светот.

ЕУ има податоци за емисиите на стакленички гасови на квартално ниво; Извор: Евростат

За разлика од Европската Унија, во Македонија не можат да се добијат најнови податоци за емисиите на стакленички гасови од било кој извор. Во 2021 година се справувавме со најголемите шумски пожари во изминатава деценија, поради енергетската криза државните власти одлучија да се вклучи во работа и термоелектраната „Неготино“, додека увозот на половни возила во земјава доживува рекордни димензии со над 417.000 стари возила кои пристигнале во периодот од 2009 до 2022 година.

Мета.мк најпрво се обиде да добие пронајде најнови податоци за емисиите на стакленички гасови во земјава на веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, но се уверивме дека покрај проекциите за иднината, последни податоци за реалноста се објавени за 2016 година. 

И на веб-страницата klimatskipromeni.mk на ова министерство, може да се пронајде информација дека во моментов се подготвува Четвртиот национален план за климатски промени, којшто се очекува да биде готов и усвоен од страна на Владата на РСМ до крајот на годинава. Во меѓувреме, на овој сајт можат да се пронајдат мноштво стратегии, планови, правни рамки, едукативни материјали, извештаи, но не и податоци понови од 2019 година за тоа кој сектор, колкави емисии на стакленички гасови произвел лани или во 2020 година.

Најнови податоци за националниот придонес на земјава во создавањето на климатските промени побаравме и во МАКСТАТ Базата на Државниот завод за статитистика. Од овој извор пак добивме уште постари податоци, па така детални информации за емисијата на стакленички гасови во Македонија таму се објавени за 2012 година. 

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за Мета.мк објаснуваат дека најновите податоци за емисиите на стакленички гасови се од 2019 година, кои се објавени на следниов линк.  Тие велат дека системот за инвентаризација на емисиите на стакленички гасови е проектно управуван, а не од национални институции.

„Вообичаено таква улога во другите држави имаат националните Агенции за животна средина што кај нас не е случај“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Тие тврдат дека по начинот на изработка на инвентарите, нашата земја е доста напредна, бидејќи ги изработува како да е на ниво на земја-членка на ЕУ. Од министерството потврдуваат дека има насоки за подобрување на редовноста на објавување на податоците за емисиите на стакленички гасови од земјава, но и сметаат дека најважно е спроведувањето на политиките, мерките и активностите во сите сектори за намалување на емисиите на штетните гасови во атмосферата.

Според последните јавно достапни податоци објавени во Извештајот за националниот инвентар на стакленички гасови на РСМ, емисиите на штетните гасови кои го предизвикуваат ефектот на стаклена градина постепено се намалиле од 12.415,1 гигаграми на јаглерод диоксид еквиваленти (Gg. CO2-eq) во 1990 година на 10.024,1 Gg. CO2-eq во 2016 година. Сепак, веќе во 2019 година повторно имаме зголемување на емисиите на стакленички гасови на национално ниво, и тоа на 11.267,6 гигаграми еквиваленти на јаглерод диоксид. Во оваа бројка влегуваат и испуштањето на штетните гасови од секторот Шумарство, и тоа првенствено од шумските пожари.

Во 1990 година, енергетиката продуцирала 9.608 Gg. CO2-eq (гигаграм – еквиваленти на јаглерод диоксид), додека во 2016 година емисиите на стакленички гасови опаднале на 7.446,5 Gg. CO2-eq. Во изработениот документ се нагласува дека во секторот Шумарство нето емисиите на стакленички гасови биле убедливо највисоки во 2000 година со 10.056,1 гигаграми еквиваленти на јаглерод диоксид, за што најмногу придонеле шумските пожари таа година.

Во 2019 година, забележано е зголемување на емисиите на стакленички гасови во секторот Енергетика, и тоа на 8.501,1 Gg. CO2-eq. Пораст на исфрлањето на штетни гасови во атмосферата имало во 2019 година и кај секторите Индустриски процеси и користење на производи, Отпад и Шумарство. Во Извештајот се наведува дека влошувањето на состојбата во секторот Енергетика е резултат на зголеменото домашно производство на електрична енергија, односно работењето првенствено на термоелектраните.

Сепак, и во овој документ нема податоци за 2020 и 2021 година во делот на емисиите на стакленички гасови. Она што пак се знае е дека во делот на транспортот, кој потпаѓа во секторот Енергетика, само во периодот од 2020 година до јуни 2022 година во Македонија се увезени дополнителни речиси 75.000 половни возила кои емитираат штетни гасови во атмосферата, како и додатни над 16.000 нови возила кои биле увезени во земјава. Заедно со ова, статистичките податоци покажуваат дека потрошувачката на нафтените деривати во транспортот расте низ годините и достигнува рекордно ниво, што пак влијае негативно врз климатските промени.

За деценија и пол, потрошувачката на дизел горивото во транспортот во земјава тројно зголемена [инфографик]

Во меѓувреме, кон крајот на минатата година поради светската енергетска криза беше донесена одлука да се вклучи во работа термоелектраната „Неготино“ за производство на електрична енергија на мазут, а паралелно на ова екологистите со години критикуваат дека токму работењето на термоелектраните во земјава, односно употребата на јагленот, е главната причина за создадените емисии на стакленички гасови во земјава.

Загрижувачки податоци за емисиите на стакленички гасови има и за секторот Шумарство во земјава, поради шумските пожари. Лани во Македонија изгорела шумска површина од дури 11.420 хектари, што претставува рекордно ниво во изминатата деценија. Огромните пространства уништени од пожари се директен предизвикувач на зголемени емисии на стакленички гасови, но засега нема официјални податоци за тоа колкави количества на јаглерод диоксид биле испуштени.

Она што е најзагрижувачко со ненавременото објавување на податоци за емисиите на стакленички гасови е недостигот на релевантни, точни и сигурни информации коишто би можеле да се искористат како квалитетна основа за создавање на мерки за климатска акција, односно приоретизација на дел од предложените мерки според актуелните потреби. Инаку, како земја веќе имаме изготвено Долгорочната стратегија за климатска акција со Акциски план.

Ревизорите со критики за спроведување на мерките за ублажување на климатските промени во земјава

Впрочем, и Државниот завод за ревизија во најновиот Конечен извештај за извршена ревизија на успешност „Преземени мерки и политики од страна на РСМ/надлежни органи со цел ублажување на климатските промени“ критикува дека не е воспоставен систем за инвентаризација на емисии на стакленички гасови, додека Национален инвентар на емисии на стакленички гасови е воспоставен од повеќе институции. Поради ова, не постои единствена база на податоци за емисија на стакленички гасови што би можело да се користи од сите заинтересирани субјекти, заклучуваат државните ревизори во нивниот Извештај.

Напишете коментар