fbpx

ЕУ за иднината на Европа – без инклузивност

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

-

Повторно ќе разговараме за иднината на Европа. Не, грешка. Нема ние да разговараме. Тие ќе си разговараат. Зашто ние, таа чудна кованица од Западен Балкан, веројатно немаме баш што да кажеме, а и зошто да си го трошиме скапоценото балканско време… Има уште еден проблем – не сме поканети. Иако, насловот на Конференција е „иднината на Европа“, а не „иднината на Европската Унија“.

Автор: Малинка Ристевска Јорданова

Добро, тогаш да следиме што ќе кажуваат другите, меѓу другото, и за нашата иднина.

Се работи за Конференцијата на Европската унија за иднината на Европа, која што требаше да почне уште минатата година, но се одложи поради пандемијата. Овој март претседателите на Советот, Парламентот и Комисијата ја потпишаа Декларацијата за Конференцијата, а тие се официјално и ко-претседавачите на овој форум. Ќе има и извршен одбор од трите институции со претставници на националните парламенти како набљудувачи.

Ништо ново. Слични дебати имала секоја генерација политичари во Европската унија. Пред точно две децении започна Конвенцијата за Уставот на ЕУ. Ја заврши работата со предлог на Устав на ЕУ. Не се усвои устав на ЕУ. Се донесе Лисабонскиот договор, односно се изменија основачките договори – на истиот начин како и порано.

Конечно, Конференцијата треба да започне денеска, на 9 мај, Денот на Европа. Ќе има силни француски бои – ќе се одржи во Стразбур, а се планира да говори и францускиот претседател Емануел Макрон. Иако започна една година подоцна, се планира Конференцијата да заврши следната година – непосредно по француските претседателски избори.

Граѓаните на ЕУ во текот на годината ќе изнесуваат идеи и предлози каква да биде иднината на континентот. Се очекува нивен придонес во неколку клучни области: градење здрав континент, борба против климатските промени и еколошките предизвици, економија за луѓето, социјална правичност, еднаквост и меѓугенерациска солидарност, европска дигитална трансформација, европски права и вредности, вклучувајќи владеење на правото, миграциски предизвици,безбедноста улогата на ЕУ во светот, демократските основи на Унијата и како да се зајакнат демократски процеси со кои се регулира Европската Унија. Секако, теми можат да се додадат.

Кои се модалитетите? Ќе има (веќе има) повеќејазична дигитална платформа на која ќе можат да се вклучат сите европски граѓани (граѓани на ЕУ), но и тематски граѓански панели, кои би требало соодветно да го претставуваат граѓанството (на ЕУ). И сето тоа ќе биде транспарентно и отворено, а ќе треба и да се даде одговор на дадените предлози. Потоа расправата ќе преминува на пленарни конференции (секои шест месеци) сочинети од претставници на Парламентот, Советот и Комисијата, но и на сите национални парламенти. Покрај Комитетот на регионите и Социјално-економскиот комитет, ќе бидат застапени и претставници на социјалните партнери и граѓанското општество. Извршниот одбор ќе ги формулира заклучоците. Е токму околу тоа се водеше битка до последниот момент, па бил загрозен и самиот почеток на Конференцијата. Сепак постигнале компромис – Извршниот одбор сепак ќе ги формулира заклучоците, ама тие треба да се засноваат на предлозите ќе ги усвои Пленарната конференција. И, на крајот, сето тоа треба да го одобрат ко-претседавачите, како и претставниците на сите национални парламенти.

Има две добри работи околу Конференцијата за европската иднина. Првата е што нема преголеми очекувања. Втората е што делегацијата на Европскиот парламент за пленарката ќе биде пратеникот Ги Верхофштат. Значи, барем ќе биде интересно.

Можеби ќе беше уште поинтересно да учествуваше и Балканот (оној Западниот), што уште не е на Запад).

Сепак, стигна една покана минатата недела – од државниот секретар за надворешни работи на Словачка – да нѐ вклучи во Конференцијата. Како тоа би се случило не е многу јасно. Како и да е, не е лошо да се има поддршка за учество во оваа дебата. Ако не за друго, да бидеме во кондиција кога ќе дојде иднината на нашиот континент.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Средношколски самит за кариерен развој в понеделник во Скопје Сити Мол

Во понеделник, на 22 април, во „Синеплекс“ во трговскиот центар Скопје Сити Мол ќе се одржи Средношколски самит за кариерен развој. Настанот ќе започне во 17 часот, а е...