ЕУ предупреди на санкции откако Твитер суспендираше налози на новинари

Photo by Joshua Hoehne on Unsplash

Ненадејната одлука на Илон Маск да суспендира налози на истакнати новинари на Твитер предизвика жестока реакција во Европа. Германија предупреди на влијанието врз слободата на печатот, додека висок претставник на Европската унија (ЕУ) рече дека Твитер мора да се услогласи со правилата на блокот или да се соочи со можни санкции, јавува Си-Ен-Ен.

„Слободата на печатот не може да се вклучува и исклучува како што сакате. Од денес овие новинари веќе не можат да нè следат или критикуваат. Имаме проблем со ова, Твитер“, напиша на Твитер германското Министерство за надворешни работи.

Потпретседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност Вера Јурова напиша дека произволното суспендирање на новинарите е загрижувачко, посочувајќи дека Твитер може да се соочи со казни. Таа додаде дека Законот за дигитални услуги на ЕУ бара почитување на слободата на медиумите и основните права.

„Илон Маск треба да биде свесен за тоа. Постојат црвени линии. И санкции, наскоро“, напиша Јурова.

Во текот на вчерашниот ден, Твитер ги избриша профилите на неколку новинари од врвни новински организации, без објаснување. Меѓу забранетите новинари на Твитер сега се наоѓаат новинари на Си-ен-ен, Њујорк Тајмс, Вашингтон пост и Гласот на Америка.

Европските лидери и претходно рекоа дека следат како преземањето на Твитер од страна на Маск ќе влијае на платформата. Тиери Бретон, високиот претставник на ЕУ, го предупреди Илон Маск дека социјалната мрежа мора да преземе значтиелни чекори за да се усогласи со правилата на блокот околу модерирањето на содржини.

Твитер ги избриша профилите на новинари кои известуваат за Илон Маск