Украина соопшти дека продолжила со пумпање руска нафта преку цевковод во Унгарија и Словачка, со што стави крај на месеците застој околу заемот од 90 милијарди евра, кој се смета за витална поддршка од Европската Унија за Киев, објави Би-Би-Си.

Набргу потоа, амбасадорите на ЕУ на состанок во Брисел дадоа прелиминарно одобрение за заемот, како и за 20-тиот пакет санкции против Русија, соопштија официјални лица.

Иако финансирањето беше договорено минатиот декември, унгарскиот премиер Виктор Орбан стави вето на исплатата во февруари откако Украина соопшти дека штета предизвикана од руски напад ги запрела испораките.

Орбан побара нафтата повторно да почне да тече пред да може да се исплати кредитот, а Украина потврди дека поправките се завршени во вторникот.

„На Украина навистина и е потребен овој заем, а тоа е и знак дека Русија не може да ја надживее Украина“, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, пред состанокот на амбасадорите.

Украинскиот вицепремиер Тарас Качка го опиша финансирањето од ЕУ како „прашање на живот или смрт“ за Киев, а две третини од него ќе бидат потрошени за зајакнување на одбранбените потреби на Украина, додека остатокот ќе биде наменет за поширока финансиска помош.

Словачката министерка за економија Дениса Сакова изјави дека енергетскиот оператор „Укртранснафт“, кој се грижи за нафтоводот „Дружба“ во Украина кажал дека притисокот врз нафтоводот започнал во среда наутро и дека суровата нафта ќе почне да тече во Словачка во четврток, за прв пат од 27 јануари.

Унгарската енергетска компанија „Мол“ соопшти дека ги очекува првите испораки најдоцна до четврток.

Во пресрет на изборите во Унгарија овој месец, кои Орбан ги загуби, тој ја обвини Украина за наметнување „нафтена блокада“ врз неговата земја и соседна Словачка, тврдејќи дека ЕУ работи со Киев против него.

Сателитските снимки од тоа време укажуваа на значителна штета на голем резервоар за нафта во Броди во западна Украина кон крајот на јануари, а Киев инсистираше дека поправките ќе потраат некое време, додавајќи дека инженерите биле нападнати од Русија.

Во меѓувреме, Украина оваа недела ги таргетираше и нафтените постројки во Русија, вклучувајќи ја и пумпната станица во регионот Самара поврзана со нафтоводот „Дружба“.

Зеленски доцна во вторникот изјави дека разговарал за тоа како ќе се деблокира заемот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кој ги претставува 27-те земји-членки.

„Повеќе не може да има основа за негово блокирање“, рече Зеленски. „ЕУ побара од Украина да го поправи нафтоводот „Дружба“, кој беше уништен од Русија. Ние го поправивме. Се надеваме дека ЕУ ќе ги исполни и договорените обврски.“

Доколку конечно се одобри заемот од ЕУ, сепак би можеле да поминат недели пред средствата да пристигнат во Киев, јавуваат украинските медиуми.