Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
DALI NAŠITE IZBRANI NARODNI PRATENICI I DRUGI FUNKCIONERI, LEKARI I NOVINARI NA NAŠATA DRŽAVA, IM SLUŽAT NA NARODOT I NAŠATA DRŽAVA ILI PAK NA UMNOBOLNITE MONSTRUMI – “SATANISTITE” OD EVROPSKATA UNIJA… KOI ŠTO VRŠAT RAZNI ZLOSTORSTVA NAD ČOVEŠTVOTO… ???
ZASEGA NE NI TREBA ZAČLENUVANJE VO “EVROPSKA UNIJA”, SE DODEKA VO NEA SE PROMOVIRAAT I PRIMENUVAAT “SATANISTIČKI VREDNOSTI” I NE SE “ISČISTAT” I ZATVORAT “SATANISTIČKITE FUNKCIONERI”, KOI ŠTO SE OPFATENI VO “PAJAKOVATA MREŽA” NA “SATANISTITE” OD “DLABOKATA DRŽAVA” – DŽORDŽ SOROŠ, BIL GEJTS, TED TURNER, HENRI KISINDŽER, KLAUS SCHWAB, ČLENOVI OD ROKFELEROVOTO I RODŠILDOVOTO SEMEJSTVO, “FARMAKO’MAFIJATA”… !!!
Наративите дека Европската Унија е „сатанистичка“, дека ја води „длабока држава“ или дека е под контрола на личности како Џорџ Сорос, Бил Гејтс, Ротшилди и Рокфелер, се меѓу најшироко распространетите дезинформации во Европа и на Балканот. Овие идеи немаат докажана основа и најчесто потекнуваат од политички пропагандни извори, дезинформациски портали и идеолошки групи.
Тврдењето во објавата дека „ЕУ промовира сатанистички вредности“, не кореспондира со фактите и со реалноста. Европската Унија е секуларна политичка организација и во нејзините основни правни документи нема ништо што се однесува на религија, а особено не на „сатанизам“. Основните вредности на ЕУ се наведени во Член 2 од Договорот за Европската Унија:
- почитување на човечко достоинство
- слобода
- демократија
- еднаквост
- владеење на правото
- човекови права
Ниту еден елемент не е религиозен, уште помалку „сатанистички“.
Тврдењето дека „ЕУ е контролирана од сатанистите на длабоката држава“ е класична политичка теорија на заговор. Истражувањата покажуваат дека таквите наративи немаат фактичка основа и се користат за создавање недоверба и поларизација. За теоријата на заговор за постоењето на некаква „длабока држава“, Вистиномер има пишувано во повеќе наврати.
Терминологијата „сатанисти од длабоката држава“ кореспондира со терминологијата што се шири кога се споделува теоријата на заговор Кју Анон, според која една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мноштвото од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија и ќе бидат срушени само од Доналд Трамп.
Во врска со тврдењето дека „Сорос, Гејтс, Ротшилди ја водат ЕУ“, нема ниту еден доказ во историјата на политичките истражувања, судски процеси или официјални документи дека овие личности имаат тајно влијание врз ЕУ. Ова е дел од антисемитски наратив стар повеќе од 150 години. За теориите на заговор поврзани со Сорос, Бил Гејтс и Ротшилд, Вистиномер има пишувано повеќепати.
Во објавата е карактеристичен анти-ЕУ ставот проследен со наратив на омраза. Европската Унија наспроти изнесеното, е стратешки партнер на С.Македонија која дава континуирана поддршка на нашата земја. ЕУ ѝ обезбедува на С. Македонија постојана поддршка и финансиска помош во процесот на спроведување на реформите неопходни за членство.
С. Македонија сака да стане членка на ЕУ. За да помогне во постигнувањето на оваа цел, ЕУ обезбедува постојана поддршка и финансиска помош преку проекти со цел земјата да може да ги спроведе сите неопходни реформи.
За тоа повеќе прочитајте во анализата на Вистиномер.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.
