fbpx

ЕУ-министри: Потребно е политичко решение за излез од кризата во Македонија

-

Министрите за надворешни работи ја завршија дискусијата за Македонија, на која било кажано дека Европската унија ќе продолжи да ја следи ситуацијата, а искажана била поддршка за напорите на тројцата европратеници што го олеснуваат процесот.

Тие се согласиле дека е потребно политичко решение за кризата, потврдија за „Мета“ извори присутни на состанокот.

Македонија не беше формално ставена на дневен ред и нема да има формални заклучоци на оваа тема.

Порано во текот на овој ден, комесарот за проширување, Јоханес Хан, порача дека ЕУ треба да го преземе својот дел од одговорноста за состојбата во која се наоѓа Македонија, алудирајќи на недостигот од прогрес кон ЕУ поради грчката блокада.

Пред состанокот, словачкиот министер за надворешни работи, Мирослав Лајчак, изјави за новинарите дека е време Европската унија да се вмеша во македонската криза.

– Европската унија треба да биде видлива и да покаже лидерство – рече тој на прашање дали е загрижен за состојбата во земјата.

Тој додаде дека не треба Македонија да биде оставена сама на себе во оваа ситуација.

Навраќајќи се на европската перспектива за Македонија, Лајчак рече дека земјата веќе долго време не остварила напредок на патот кон ЕУ.

– Овојпат не сум сигурен дека препораката за преговори со ЕУ ќе може да биде повторена – рече тој.

Денеска, пред состанокот, австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, испрати слична порака.

– Последните случувања во Македонија ќе имаат влијание врз македонскиот интеграциски процес во ЕУ – рече тој на настан организиран од „Пријателите на Србија“ во Брисел.

Белгискиот министер за надворешни работи Дидие Рејндерс кој неодамна ја посети Македонија и се сретна со државниот врв на почетокот на април, во изјава за Мета рече дека веќе тогаш се чувствувала политичката криза.

– Уште кога бев таму европратеници се обидуваа да го воспостават повторно дијалог. Сега гледаме дека има блокада и треба да го најдеме патот кон способност за дискусија, но пред се капацитет повторно да се создаде правна држава, што во моментов исчезнува – рече Рејндерс.

Тој потврди дека министрите разговарале за Македонија денес во ЕУ и дека тие се обидуваат да воспостават дијалог помеѓу двете страни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...