Ограничувањата за употребата на високоризична вештачката интелигенција во Европската Унија ќе бидат одложени за повеќе од една година, согласно договорот што утрово го постигнаа европските законодавци, пренесува Политико.

Планот за одложување на клучен дел од европскиот Закон за вештачка интелигенција доби поддршка од пратениците во Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ, по силен притисок од индустријата и одделни влади.

Договорот, постигнат рано утринава, во голема мера ја иззема употребата на вештачката интелигенција во индустриските апликации од опфатот на законот, што претставува значајна победа за Германија. Германскиот канцелар Фридрих Мерц и други високи функционери се залагаа за оваа промена со цел технолошките компании како „Сименс“ и „Бош“ да останат конкурентни. Претседателството на Кипар со Советот на ЕУ и Европскиот парламент го потврдија договорот по преговорите што започнале во средата вечерта и траеле до околу 4:30 часот изутрина.

„Политико“ претходно објави дека земјите членки ја поддржале германската иницијатива да се избегне двојна регулаторна обврска за компаниите што користат индустриска вештачка интелигенција. Според новото решение, тие ќе треба да ги исполнуваат барањата за вештачка интелигенција само преку постојните правила за машини и индустриска опрема.

Други сектори кои биле предмет на дискусија, како медицинските уреди, не се изземени и ќе останат опфатени со Законот за вештачка интелигенција, потврдиле преговарачите.

Договорот претставува прво позначајно повлекување на регулативите во дигиталната сфера, во услови кога ЕУ се соочува со притисок од САД поради своите технолошки закони, но и со предупредувања од европската индустрија и владите дека строгите ограничувања ја ставаат Унијата во понеповолна позиција во глобалната трка за развој на вештачката интелигенција.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави договорот, оценувајќи дека тој создава „едноставна и иновативна средина“ за развој на вештачката интелигенција во Европа.

„Во исто време, ги зајакнуваме заштитните механизми за нашите граѓани. За безбедно и едноставно управување со вештачката интелигенција во Европа“, напиша таа на Икс.

Освен што ограничувањата за вештачка интелигенција се одложуваат до декември 2027 година, договорот предвидува и преоден рок за компаниите да ги исполнат новите правила за означување на содржини создадени со вештачка интелигенција. Сепак, тој рок ќе изнесува три месеци наместо првично предложените шест.

Во договорот е вклучена и забрана за системи со вештачка интелигенција што можат да создаваат сексуализирани „дипфејк“ содржини со интимни делови од „препознатливи“ лица, по глобалните реакции за злоупотребата на алатката „Грок“ на Илон Маск. Ќе бидат забранети и системите што генерираат детска порнографија.

Законот за вештачка интелигенција на ЕУ стапи во сила во август 2024 година, по повеќегодишни преговори. Според фазната примена, правилата за високоризични употреби требаше да почнат да важат од август годинава.

Но, бидејќи само мал број земји во светот го следеа европскиот пример, ЕУ се соочи со критики дека прерано вовела строги правила и не успеала да стане глобален стандард во технолошката регулатива. Од друга страна, организациите на граѓанското општество предупредуваат дека овие правила се неопходни за заштита на луѓето од потенцијалните ризици на новите технологии.

Извор: Политико