Лидерите на Европска унија синоќа на вонреден самит договорија да го спречат бранот илегални мигранти „разбивајќи ги шверцерските мрежи, изведувајќи ги прекршителите пред суд, запленувајќи ги нивните имоти“ и „запленувајќи ги и уништувајќи ги бродовите пред шверцерите да ги искористат“.

Ова е наведено во заедничкото соопштение на шефовите на држави или влади на ЕУ, кои предочиле дека тоа ќе биде направено со заедничко дејствување на воено-полициските и правосудните органи на унијата, „како и со зајакнување на разузнавачката и на полициската соработка со трети земји“.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, соопшти дека од високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, е побарано веднаш да ја подготви оваа операција, нагласувајќи дека со операциите за трагање и за спасување ќе биде направено сè за да се спречи загубата на човечки животи.

Лидерите на ЕУ соопштија дека Европол ќе биде задолжен за откривање и за отстранување од интернет на пораките со кои шверцерите ги привлекуваат мигрантите и бегалците, а во третите земји од кои доаѓаат илегалните имигранти или преку кои минуваат, ќе бидат воспоставени ЕУ-центри за надзор и за врски.

На самитот е одлучено тројно да се зголеми буџетот наменет за операцијата „Тритон“ за надгледување и за спасување мигранти на Средоземно Море, на потегот кон Италија и кон Малта, кој досега изнесуваше три милиони евра месечно. Исто така, ќе биде зајакната и операцијата „Посејдон“, на морето околу Грција. Велика Британија понуди три воени бродови и хеликоптери за борба со транспортот на мигранти преку Средоземно Море, кој постојано се зголемува. Францускиот претседател Франсоа Оланд понуди два брода и еден авион во рамки на операцијата „Тритон“, која ЕУ ја покрена минатата година во ноември.

Европските лидери одлучија да ја зголемат помошта и поддршката за Тунис, Египет, Судан, Мали и за Нигерија за да ги оспособат да ги надгледуваат границите, патиштата, брегот и пристаништата, но и за да ја зајакнат својата соработка со африканските партнери во борбата со илегалната миграција и со шверцот на луѓе. Исто така, се предвидува и зајакнување на врските на ЕУ со Турција, Сирија и со Ирак, за да се „спречи оваа голема човечка трагедија“, стои во соопштението од вонредниот самит на ЕУ.