ЕУ ја усвои регулативата за универзализација на полначите за мобилни телефони

Фото: Steve Johnson on Unsplash

Европската Унија ја усвои новата законска регулатива, која што бара од производителите на мобилни телефони да овозможат универзализација на полначите за овие и други помали електронски уреди, пренесува „Политико“.

Ова би значело дека „Епл“ во иднина ќе мора да ги стандардизира полначите за „Ајфонот“ со полначите за мобилни телефони од другите производители. Сите компании ќе мора да ги променат полначите во УСБ-Ц полначи до крајот на 2024 година, а ваквата одлука беше усвоена од Европскиот парламент.

Покрај мобилните телефони, со оваа одлука се опфатени и таблетите, тастатурите, компјутерскиот глушец, дигиталните камери, слушалките, преносните звучници, конзолите за видео игри. Од 2026 година, УСБ-Ц полначот треба да постане универзална норма и кај сите полначи за лаптопите од сите производители.

Ваквото задолжение кон производителите е за да се намали електронскиот отпад од полначите, коишто на ниво на ЕУ се проценува дека генерираат меѓу 11.000 и 13.000 тони електронски отпад. Поради ова, новата регулатива цели кон намалување на отпадот, со поттикнување на потрошувачите повторно да ги користат постојните полначи при купување нов уред.