ЕУ ја одобри ковид вакцината на „Фајзер“ за младите од 12 до 15 години

Извор на фотографија: Министерство за здравство

Европската агенција за лекови (ЕМА) ја одобри вакцината против ковид-19 на „Фајзер/Бионтек“ за младите на возраст од 12 до 15 години, пренесува Би-би-си. Ваквиот чекор следи откако САД и Канада ја одобрија идентичната вакцина за адолесценти претходно во месецов.

На потег се сега европските земји, кои треба да одлучат дали ќе ја имунизираат оваа возрасна група од населението. Германија на 7 јуни ќе треба да почне да ги вакцинира младите лица на возраст од над 12 години.

Ковид вакцината на „Фајзер“ досега им се даваше на младите постари од 16 години во европските земји.

Од ЕМА велат дека младите на возраст од 12 до 15 години ќе треба да примат две дози од оваа вакцина во интервал од барем три недели.

Во меѓувреме, Франција од 31 мај се одлучи да ги отвори пунктовите за вакцинација за сите лица постари од 18 години. Во Германија, канцеларката Ангела Меркел пак изјави дека вакцинацијата против ковид-19 нема да биде задолжителна за тинејџерите од оваа земја.