fbpx

ЕУ и ЗНМ: „Вмрежување на новинари за слобода на медиуми“

-

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Делегацијата на Европската унија во Скопје денеска во Скопје го означија почетокот на проектот „Вмрежување на новинари за слобода на медиуми“, поддржан од ЕУ.

– Независни, плурални и слободни медиуми се есенцијални за демократијата на секоја земја и за благосостојбата на граѓаните. Тие ги зголемуваат транспарентноста и отченоста на властите поврзани со прашања од јавен интерес – рече амбасадорот на Делегацијата на Европската унија во Скопје, Аиво Орав.

Орав истакна дека предизвиците на Македонија поврзани со слободата на изразувањето се бројни, а меѓу проблемите со кои се соочува новинарството во земјава ги спомена отсуството на балансирано и фер известување, самоцензурата, нетранспарентните јавни институции, потребата за независно регулаторно тело и недоволно транспарентното финансирање на медиумите.

– Сите ние знаеме дека граѓаните треба да бидат целосно информирани за да бидат во можност да изградат мислење и да учествуваат во процесот на донесување одлуки што влијаат врз нивните животи – истакна Орав.

Според него, секое заплашување и насилство врз поединци за изнесување сопствено мислење во јавноста е неприфатливо.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, се заложи за поголема солидарност на новинарите и на медиумите со новинарот Зоран Божиновски, притворен во затворот во Шуто Оризари за аферата „Шпион“.

Селмани изрази загриженост што најголем дел од македонските медиуми не известуваат за случајот на Божиновски или одбегнаа да го спомнат неговото име од настанот на ЗНМ пред истражниот затвор.

– Не е време за академска расправа за тоа што е добро новинарство, туку е критично време кога треба да ја спасиме вербата дека во Македонија може да имаме слободни и професионални медиуми – посочи Селмани и повика на поголема солидарност со Божиновски.

Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски, рече дека целите на проектот, кој ќе се спроведе во наредните три години, ќе бидат да се подобри известувањето на новинарите преку организирање разни обуки и зајакнување на системот на саморегулација.

– Проектот предвидува и следење на судски случаи за клевета против новинари – рече Секуловски.

Тој зборуваше и за регионалниот проект, во чие спроведување се вклучени шест балкански здруженија на новинари, со единствена цел да се промовира слободата на медиумите во согласност со европските стандарди.

Предвидено е да се создаде интернет-платформа за рано предупредување, преку која ќе се создаде мрежа за заедничко лобирање за новинарските здруженија, подобрување на законската рамка и за нејзината соодветна имплементација.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...