fbpx

ЕУ и Украина: Брз колосек без брзо членство

ЕУ ја повтори поддршката на Украина на билатералниот самит и ја забрзува интеграцијата, но без конкретен одговор на високите украински амбиции за брзо членство

-

На 3 февруари 2023 година се одржа 24. Самит ЕУ – Украина, прв од руската агресија врз оваа земја. Непосредно пред самитот, украинскиот претседател и премиерот ги повторија очекувањата за брзо членство во Унијата – споменувајќи ја невозможната цел од 2 години. Секако, познати им се позициите на институциите на ЕУ, но и борбите на мислења меѓу земјите членки за брзината на интеграцијата на Украина во Унијата. Не е тајна дека главното проблем за лидерите на ЕУ е како да се менаџираат очекувањата на украинските водачи за членство во во ЕУ. Исто така не е тајна дека Полскa, но и балтичката тројка инсистираат на „брз колосек“ за Украина, додека земјите основачи – Франција, Германија, Италија и земјите на Бенелуксот – предупредуваат дека не треба да се влеваат лажни надежи дека постои скратен колосек.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Силната делегација на ЕУ, предводена од претседателот на ЕУ, Шарл Мишел и претседателката на Комисијата Урсула Фон дер Лајен, беше еден од начините на покажување поддршка. Ден пред Самитот повеќе од половината членови на Европската комисија – 15 комесари одржаа состанок со Владата на Украина. Резултатите од Самитот се сублимирани во Заедничката изјава.

Две се главните точки: поддршката на ЕУ во војната со Русија и перспективите за
членство во ЕУ. Секако најпрвин е повторена политичката поддршка, вклучувајќи ги и мерките за изолирање и санкционирање на Русија. ЕУ ја реафирмира веќе дадената финансиска помош на Украина и ги повтори ветувањата. Досега е дадена вкупна помош на Украина во вредност од 50 милијарди евра. Воената поддршка е во износ од 3,6 милијарди евра, но заедно со помошта од државите членки таа изнесува 12 милијарди евра. Покрената е и Мисија на ЕУ за воена помош за обука, иницијално, на 30.000 војници. Во 2023 година се планирани 18 милијарди евра макро-финансиска поддршка. Хуманитарната помош е сеопфатна, а вклучува дури и лед-сијалици за украинските семејства. Меѓутоа, ЕУ јасно ја покажува амбицијата да има водечка улога во реконструкцијата на Украина. При тоа, не пропушта да нагласи дека „помошта, реконструкцијата, реформите и европскиот пат на Украина се меѓусебно поврзани“.

Што се однесува, пак, до европскиот пат – украинските амбиции за брзо членство ЕУ засега само ги констатираат, без конкретни ветувања. Основна рамка останува асоцијативната спогодба. Сепак, и самото внесување на терминологијата како „пристапен процес“ во Заедничката изјава, иако не ја обврзува ЕУ, покажува дека притисокот дава резултат. Она што ЕУ го ветува останува во рамките на досегашната практика – поддршка за „понатамошната европска интеграција на Украина“, но за следните чекори ќе одлучи штом ќе бидат целосно исполнети сите услови наведени во мислењето на Комисијата. Да потсетиме, во мислењето кое Комисијата експресно го подготви, наброени се седум услови. Сите се од областа на демократијата и владеењето на правото.

И во оценката на досегашното исполнувањето на условите Комисијата е умерена и ги
признава „зачителните напори“. Украинската влада се потруди да покаже конкретни резултати – особено во борбата со корупцијата, па неколку дена пред Самитот спроведе низа апсења. Меѓу нив се милијардерот Коломски, поранешен поддржувач на Зеленски, како и поранешен министер за внатрешни работи. Разрешено е раководството на даночната администрација, неколку заменици министри и други високи функционери.

Посеопфатна оценка за украинските реформи ќе биде дадена во есенскиот пакет
извештаи за проширување, но се ветува уште еден – вонреден извештај – напролет. И ова би требало да биде знак за дополнителен ангажман и поттик од страна на европските институции. Меѓутоа, она што ќе биде одлучувачко за членството на Украина во ЕУ, а не е официјално напишано во условите за „натамошен напредок“ е фактот што тоа нема да биде можно додека трае војната и непосредните последици од неа. Вториот клучен проблем е апсорпциониот капацитет на Унијата – и економски и политички.

Во отсуство на одговор за високите амбиции за членство, покрај огромната помош, ЕУ
на Украина забрзано ѝ пружа можности за фактичка интеграција, како учество во програмите на ЕУ, збратимување на украинските градови со европските, па дури и забрзана работа на укинување роаминг со ЕУ – процес што за многу помалиот број балкански граѓани трае многу години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За еден ден, две жени од Скопје нападнати од своите партнери

Два случаја во кои жени од Скопје се нападнати од своите партнери се регистрирани во полицискиот билтен во текот на вчерашниот ден. Околу 18 часот и 30 минути вчера, во...