Трговијата со деца во земјите од Западен Балкан е во пораст. Пандемијата на ковид-19 направи децата да бидат уште поизложени на трговија поради растечката економска несигурност, невработеноста и ограничувањата на движењето. Тие се предмет на трговија поради различни причини на експлоатација: сексуална, вклучително и продуцирање и дистрибуција на материјал со сексуална злоупотреба, присилни бракови, питачење и криминални активности, како и трудова експлоатација.

Ова беше истакнато денеска во Белград, на првиот ден од дводневната регионална конференција: „Здружено дејствување во Западен Балкан за заштита на децата од трговија со луѓе и експлоатација“, во рамки на програмата на ЕУ и на Советот на Европа „Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција 2019-2022“, на која учествуваа повеќе од 130 учесници од регионот.

Според Петја Несторова, извршна секретарка на Советот на Европа за борба против трговијата со луѓе, треба да се зајакнат заедничките напори за адресирање на структуралните фактори кои се во основата на трговијата со луѓе и да се промовираат трајни решенија за децата кои се подложни на трговија и на експлоатација.

„Мерките треба да бидат интегрирани во општиот систем за заштита на децата, социјалните, здравствените и образовните услуги“, истакна таа.

Самир Ризво, помошник министер и државен координатор за борба против трговијата со луѓе и нелегалната миграција, при Министерство за безбедност на БиХ, потсети дека Западен Балкан се соочува со големи безбедносни и хуманитарни предизвици од масовните напливи на миграција, каде трговијата со деца е присутна.

„Заштитата на децата од трговија и експлоатација во земјите од Западен Балкан е  важно, бидејќи поголемиот број потенцијални и формално идентификувани жртви на трговија, како и главна мета на трговците, се децата кои се без придружба“, рече Ризво.

Верена Тејлор, директорка на Генералниот директорат за програмски активности на Советот на Европа ја потенцира важноста на соработката.

„Само со заедничка работа можеме да ја спречиме трговијата со деца и да го поддржиме развојот на политики кои ќе се фокусираат на жртвите. Мораме да ги зајакнеме капацитетите за превенција и борба против трговијата и да ги заштитиме правата на сите жртви“, истакна таа.

Според Александра Антониадис, заменик шефица на Одделението за политики за организиран криминал и дрога на EК, спречувањето и борбата против трговијата со деца е еден од приоритетите на ЕК.

„Годишно илјадници индивидуи се жртви на трговија, а пандемијата дополнително го засили ризикот од виктимизација и експлоатација. И покрај сите наши напори, сѐ уште постојат недостатоци. Поради тоа Комисијата усвои нова стратегија со која се дефинира широк спектар на активности, за сторителите да бидат доведени пред лицето на правдата, а жртвите да ја добијат потребната заштита и поддршка“, забележа Антониадис.

Заменик шефицата на делегацијата на ЕУ во БиХ, Екатерина Дороднова рече дека преку низа национални и регионални проекти, ЕУ цврсто ја поддржува борбата против трговијата со луѓе во целиот регион.

„ЕУ има обезбедено финансиски средства за засолништво на 500 малолетници/чки без придружба кои влегле во БиХ, како дел од напливот на мигранти, со кои ќе се осигурува и правото на образование на повеќе од 4.000 деца-мигранти“, посочи таа.