ЕУ и Кина се подготвени на дводневниот самит во Брисел, кој почнува денеска, да го бранат Парискиот светски договор за климата и целосно да го поддржат и покрај најавената одлука на американскиот претседател, Доналд Трамп, да се откаже од спогодбата.

За време на поранешниот претседател на САД, Барак Обама, Вашингтон и Пекинг имаа исти ставови и беа главни столбови на договорот, кој беше постигнат во декември 2015 година. Со договорот, 196 земји, под покровителство на Обединетите нации, се обврзаа да го ограничат загадувањето на воздухот за да се намали климатското затоплување.

Трамп најави дека денеска, во 21 часот по централноевропско време, ќе ја објави одлуката за спогодбата. Американските медиуми јавуваат дека Трамп, најверојатно, ќе соопшти дека САД се повлекуваат од Парискиот договор. Кина и ЕУ утре, по самитот во Брисел, ќе објават заедничка декларација во која ќе ги „потврдат своите обврски преземени со историскиот договор од Париз и ќе ја забрзаат соработката со што ќе се подобри неговото спроведување“.

Повлекувањето на САД, кои се еден од најголемите светски загадувачи, би бил тежок удар против климатските промени и тоа само година по потпишувањето на спогодбата, која се смета за историска.

Брисел и Пекинг сметаат дека е „неповратен“ патот за намалување на емисијата на штетни гасови кои предизвикуваат климатски промени.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера во Берлин предупреди дека Париската спогодба е меѓународен договор со правни обврски и дека за тоа ќе бидат потребни повеќе години ако САД сакаат да се откажат од него.

Претставниците на ЕУ наведуваат дека Европската Унија и Кина го задржале местото на лидери во светот во борбата за зачувување на климата и дека ќе го поддржат и ќе го одбранат Парискиот договор.

Пекинг и Брисел веќе една година работат на усогласување на заедничка декларација за климатските промени и за чиста енергија.