Во следните неколку дена, ЕУ ќе го отвори првиот кластер од преговорите за членство со Украина и Молдавија, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен презентирајќи го 21-от пакет санкции против Русија.
„Ова во основа ги отвора вратите за следната фаза од процесот на пристапување: формалниот почеток на преговорите“, рече фон дер Лајен.
На крајот од најавата за нови санкции кон Русија со кои им се ограничува влезот во Унијата на борците во војната во Украина, фон дер Лајен рече дека најмногу им се восхитува на Украинците поради „нивната нескршлива решителност да припаѓаат на нашата Европска Унија“. Според нејзе, Украина спроведува реформа по реформа додека нивните градови се нападнати, додека небото над нив е исполнето со чад, додека сирените за воздушен напад одекнуваат низ целата земја.
„И покрај сето ова, тие постигнуваат извонреден напредок. Јасно е дека Украина е исполнителна. Значи, сега е крајно време и ние да бидеме исполнителни. Имаме историска можност да го сториме тоа. Во следните денови ќе го отвориме првиот кластер со Украина и Молдавија. Ова во основа ги отвора вратите за следната фаза од процесот на пристапување: Формалниот почеток на преговорите за пристапување. И не треба да ви кажувам дека Комисијата е целосно подготвена да ја поддржи Украина на нејзиниот пат кон нашата Европска Унија каде што припаѓа“, рече Фон дер Лајен.
Украина и Молдавија добија кандидатски статус за членство во Европската Унија во 2022 година. Европскиот совет во декември 2023 година донесе одлука за отворање на пристапните преговори со двете земји, а отворањето на првиот кластер претставува важен чекор во процесот на пристапување. Кластерите ги опфаќаат клучните области на усогласување со европското законодавство и реформи што земјите-кандидати треба да ги спроведат пред да станат полноправни членки на ЕУ.
Претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, на истиот настан го претстави и предлогот за 21-от пакет санкции на Европската Унија против Русија, оценувајќи дека Москва не успеа да ја оствари својата цел во војната против Украина и дека санкциите продолжуваат значително да ја ослабуваат руската економија.
Според Фон дер Лајен, речиси секојдневните руски напади врз украинските градови и инцидентите со беспилотни летала што навлегуваат во европскиот воздушен простор не претставуваат знак на руска ескалација, туку доказ за неуспехот на руската стратегија.
„Речиси секој ден сега се будиме со исти вести. Четири години по почетокот на целосната инвазија, Русија очигледно не успеа да ја потчини Украина“, изјави Фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија посочи дека руската економија се соочува со сериозни предизвици. Според неа, инфлацијата во Русија се движи околу шест отсто, каматните стапки достигнале 14,5 проценти, а животниот стандард на граѓаните опаѓа. Таа додаде дека санкциите ја ограничиле можноста на Русија да пристапува до глобалните финансиски пазари, додека приходите од енергетскиот сектор значително се намалуваат.
Новиот пакет санкции ќе биде насочен кон енергетскиот сектор, финансиските услуги, криптовалутите, трговијата и рибарството, кое за првпат е вклучено меѓу санкционираните области.
„Санкциите ефикасно ја исклучија Русија од глобалните пазари на капитал. Руската економија нагло забавува. Растот е бавен, во најдобар случај. Буџетот е под растечки притисок. Повеќе од две третини од ликвидните средства на нејзиниот суверен фонд за богатство исчезнаа. Приходите од енергија се намалија за околу 40% на почетокот на 2026 година. Стотици бродови од руската флота во сенка беа цел на нашите санкции. Контролата на извозот ја лишува руската одбранбена индустрија од критични технологии и компоненти. Значи, нашата доследност со пакетите санкции се исплатува.“, посочи Фон дер Лајен.
Во делот на енергетиката, Европската комисија предлага продолжување на притисокот врз руските приходи од продажба на нафта. Предвидено е привремено замрзнување на механизмот за прилагодување на ценовниот лимит на руската нафта до јануари следната година. Истовремено, се предлага санкционирање на уште 30 бродови поврзани со таканаречената „сенка флота“ што Русија ја користи за заобиколување на санкциите.
За првпат, санкциите би можеле да ги опфатат и бродовите што обезбедуваат логистичка поддршка за оваа флота, како и пристаништа, аеродроми и рафинерии кои учествуваат во трговија или преработка на руска нафта. Дополнително, се предлага ограничување на продажбата на танкери за течен природен гас на Русија.
Во финансискиот сектор, Европската комисија предлага забрана за трансакции со уште 31 руска банка, како и санкции за 20 банки, крипто-компании, платформи и трговци со нафта од трети земји кои, според Брисел, им помагаат на санкционирани руски субјекти да ги заобиколат постојните мерки.
Новина е и можноста за целосна забрана на услуги поврзани со крипто-средства за компании од трети земји кои ќе бидат утврдени како посредници во избегнувањето на европските санкции.
Пакетот вклучува и дополнителни ограничувања за извоз на технологии и материјали што може да се користат во руската воена индустрија, вклучително и метали и легури за воздухопловниот и одбранбениот сектор. Нови забрани се предвидени и за опрема што се користи за беспилотни летала.
„Исто така, сакам да споменам една клучна точка од овој нов аспект. За прв пат, предлагаме да се забрани влез во ЕУ на секој што служел во руските вооружени сили од почетокот на војната. Значи, Европа останува недостапна за секој што учествувал во инвазијата на Украина. Толку е едноставно,“ изјави Фон дер Лајен.
Од друга страна, Европската Унија предлага и нови ограничувања за увоз на руски производи во вредност од околу 60 милиони евра, меѓу кои се одредени метали, руди и автомобилски делови.
Особено внимание е посветено на рибарскиот сектор. Европската комисија предлага значително ограничување на увозот на одредени руски рибни производи, а за некои, вклучително и бакаларот, целосна забрана за увоз.
Мерките ќе бидат усогласени и со Белорусија за да се спречи можноста таа да се користи како алтернативен канал за руска трговија.
Паралелно со санкциите, Европската Унија продолжува со финансиската поддршка за Украина. Според Фон дер Лајен, неодамна биле исплатени речиси три милијарди евра преку инструментот за поддршка на Украина, а до крајот на месецот се очекува исплата на дополнителни шест милијарди евра за беспилотни летала и повеќе од три милијарди евра макрофинансиска помош.
