ЕУ го објави планот за забрана на 12.000 хемикалии опасни по човекот и природата

Photo by Kier In Sight on Unsplash

До 12.000 најразлични супстанции би можеле да се вклучат во опсегот на новиот „патоказ за ограничувања“ на Европската Унија како најголема во историјата забрана за хемикалии, јавува весникот Гардијан.

Илјадници потенцијално штетни хемикалии наскоро би можеле да бидат забранети во Европа со новите ограничувања, кои активистите ги поздравија како најсилни досега.

Претходно оваа година, научниците рекоа дека хемиското загадување ја преминало „планетарната граница“, кое доведува до уништување на глобалните еколошки системи.

„Патоказот за ограничувања“ на ЕУ објавен денеска е замислен како прв чекор кон трансформирање на ваквата слика со користење на постојните закони за забрана на токсичните супстанции поврзани со рак, хормонални нарушувања, репротоксични нарушувања, дебелина, дијабетес и други болести.

Индустриските групи велат дека до 12.000 супстанции на крајот би можеле да спаѓаат во опсегот на новиот предлог, кој би претставувал „најголема забрана за токсични хемикалии досега во светот“, според Европското биро за животна средина (ЕЕБ).

„Контролите на хемикалиите во ЕУ обично се многу бавни, но ЕУ ја планира најхрабрата детоксикација што некогаш сме ја виделе. Лобистите на петрохемиската индустрија се шокирани од она што сега е на маса. Ова ветува дека ќе се подобри безбедноста на речиси сите произведени производи и брзо ќе се намали хемискиот интензитет во нашите училишта, домови и работни места“, изјави Татјана Сантос, менаџер од ЕЕБ.

Планот се фокусира на цели класи на хемиски супстанции, и тоа за прв пат по правило, вклучувајќи ги сите забавувачи на пламен, бисфеноли, ПВЦ пластика, токсични хемикалии во пелени за еднократна употреба и PFAS.

Сите овие ќе бидат ставени на „постојана листа“ на супстанции што треба да се разгледаат за ограничување од Европската агенција за хемикалии. Списокот редовно ќе се прегледува и ажурира, пред значајната ревизија на ЕУ Регулативата за хемикалии, планирана за 2027 година.

Но, индустриските групи тврдат дека фокусот на групи хемикалии би можел да влијае на производите, како што се кремите за сонце и парфемите, кои користат мноштво синтетички супстанции.

Претставниците на козметичката индустрија велат дека ефектот врз потрошувачите би бил дека луѓето потенцијално би имале „помала разновидност, помал избор и помала функционална ефективност за козметичките производи без никакви придобивки за безбедноста“.

Со новите правила на ЕУ, покрај козметиката, погодените производи може да вклучуваат бои, производи за чистење, лепила, лубриканти и пестициди.

Како и да е, Европската агенција за хемикалии се залага за групно справување со хемикалиите, бидејќи фармацевтските фирми претходно избегнуваа забрани за поединечни хемикалии со менување на нивниот хемиски состав за да создадат сестрински супстанции кои исто така може да бидат опасни, но кои потоа бараат долги законодавни битки за регулирање.

На глобално ниво, во светот се регистрирани повеќе од 190 милиони синтетички хемикалии, а на секои 1,4 секунди во просек се создава нова индустриска хемикалија.