Европска Унија денеска најави нови санкции кон Русија и кон проруските сили, но го одложи нивното стапување на сила поради претстојните мировни преговори во Минск, закажани за среда, соопшти францускиот министер за надворешни работи, Лорен Фабиус.
– Утврдените мерки со санкциите остануваат, но нивното имплементирање ќе зависи од резултатите на теренот. Ќе почекаме до следниот понеделник и ќе видиме како ќе помине состанокот во Минск – рече Фабиус.
Шефовите на дипломатиите на 28 земји-членки на ЕУ додадоа уште пет руски државјани на црната листа, како и 14 членови на проруските сили и девет организации, кои, според ЕУ, се одговорни за ескалацијата на насилството во Украина.
Четиристраните разговори во главниот град на Белорусија, ќе се видат меѓу Русија, Украина, Германија и Франција.
ЕУ следниот понеделник ќе одлучи дали ќе ги имплементира новите рестриктивни мерки кон Русија, откако ќе ги оцени разговорите во Минск.