Европската Комисија (ЕК) ѝ нареди на романската влада да си ги поврати назад 570 – те милиони евра помош дадени на државното железничко претпријатие за товарен сообраќај „CFR Marfa“, пишува бугарскиот медиум „Капитал“. Од ЕК сметаат дека станува збор за незаконска помош што ѝ е дадена на државната компанија во периодот од над една деценија наназад преку отписи на претходно направени долгови, камати и ненаплатени побарувања.

Упатената жалба до Брисел е од страна на Здружението на романските приватни оператори во товарниот сообраќај, кои успеаја да влезат во земјата по либерализацијата на товарниот железнички превоз во Романија во 2007 година. ЕК утврди дека со различни начини на поддршка на државното железничко претпријатие им се овозможила нелегална предност на „CFR Marfa“ пред приватните железнички превозници.

Веднаш по добивањето на ваквиот спор во Брисел за Романија, и од бугарската Асоцијација на приватни железнички превозници најавија дека ќе се жалат пред Европската Комисија за државната помош што му ја дава државата на „БДЖ – Товарен транспорт“. Идентично како и во Романија, бугарските превозници велат дека државата го толерира претпријатието во нивна сопственост за неплаќање на инфраструктурните такси за користење на пругите кон националната компанија за одржување на железничката инфраструктура. Последните податоци се дека „БДЖ – Товарен транспорт“ по оваа основа должи околу 28 милиони евра.

Од македонското Министерство за транспорт и врски за „Мета.мк“ не сакаа да коментираат за ваквиот развој на состојбата кај железничкиот превоз во нашето непосредно соседство. Македонската влада секоја година испраќа субвенции за патничкиот железнички сообраќај на единствениот железнички оператор во Македонија – државната „Железници на РСМ – Транспорт“. Долговите на оваа компанија на крајот од 2014 година достигнаа речиси 54 милиони евра, покажуваат податоците на Министерството за финансии.

Македонија не е членка на ЕУ и Брисел во моментов не може да ѝ нареди ништо на македонската влада. Но, уште од 2013 година постојат приватни компании што се заинтересирани да влезат за сообраќање на македонските пруги и тие постојано ја обвинуваа државата за протекционизам кон државното железничко претпријатие. Соседна Србија, штом ги отпочна преговорите со ЕУ во делот на поглавјето за транспорт, Белград доби барање да дозволи конкуренција во товарниот железнички сообраќај. Она што најмногу загрижува во македонскиот случај е што ќе биде со долговите на „Железници на РСМ – Транспорт“ кои од година во година се трупаат, а Европската Комисија во други земји веќе пресудува дека отписите на долговите и ненаплатените побарувања од страна на државата се нелегални.

Во случајот со Романија, Брисел им пресуди на државната „CFR Marfa“ да ја врати назад помошта од 570 милиони евра во рок од шест месеци, со цел да се надмине нарушувањето на конкуренцијата во железничкиот сектор што е можно побрзо.