ЕУ бара Македонија да ги исполни обврските од Парискиот договор за климатските промени

Рудникот за јаглен во РЕК „Битола“; Фото: Мета.мк

Македонија да си ги исполни обврските преземени со потпишувањето на Парискиот договор за климатските промени во 2016 година и да го донесе Законот за климатска акција. Ова е една од трите клучни задолженија кои ги доби земјава за наредната година од Европската Комисија (ЕК) во Извештајот за реформскиот напредок кон европските интеграции за 2022 година.

„Долгорочната Стратегија за климатска акција и нејзиниот акционен план беа усвоени во септември 2021 година. Беа развиени неколку документи како помошна алатка за имплементација на подобрувања на националниот определен придонес. Работата за ажурирање на инвентарот на стакленички гасови продолжи, како и активностите за развивање на платформата за мониторирање, известување и верификација“, се наведува во Извештајот на ЕК.

Во Извештајот за напредокот на земјава на патот кон ЕУ се додава дека на 31 мај годинава бил усвоен Националниот план за енергија и клима, но и се критикува дека Законот за климатска акција треба допрва да се донесе.

„Капацитетот останува слаб од аспект на човечки и финансиски средства, и покрај преземените напори“, се вели во Извештајот за реформскиот напредок на земјава во однос на имплементацијата на мерките за климатска акција.

Од Центарот за климатски промени за Мета.мк велат дека клучните забелешки и препораки од Поглавјето 27 и од овогодишниот Извештај и од оној од минатата година тие се во основа исти и фокусирани на квалитетот на воздухот, управувањето со отпадот и секако климатската акција.

„Сите стратешки национални компоненти мора да бидат усогласени со приоритетите во однос на климатската акција. Особено е важна координираноста помеѓу надлежните институции, со оглед дека оваа проблематика има карактер на интерисциплинарност и поврзна е со надлежностите на повеќе министерства, агенции и други институции“, вели претседателката на Центарот за климатски промени, Бојана Станојевска Пецуровска.

Од Центарот за климатски промени додаваат дека неопходно е итно донесување на Законот за климатска акција, но и изработка на подзаконските акти што произлегуваат од него, а притоа, треба да биде спроведен широк консултативен процес со учество на засегнатите страни и пошироката јавност.

„Со оглед дека енергетскиот сектор има огромно влијание врз климатските промени, потребно е поголемо интегрирање на политиките за клима во политиките за енергетика на земјата. Исто така, донесувачите на одлуки треба да бидат доследни во имплементацијата на проектите зацртани со стратешките национални документи, наместо имплементирање на ад – хок решенија без детални анализи“, вели Станојевска Пецуровска, додавајќи дека е неопходно земјава да ја забрза зелената транзиција и постепеното напуштање на јагленот.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање изминатово лето за Мета.мк информираа дека не постојат шанси Законот за климатска акција да се донесе годинава. И покрај тоа што беше првично ветен минатата година, а потоа за првиот квартал од годинава, најновото ветување е дека законодавната агенда за работа на Владата предвидува нацртот на Законот да се најде на седница до декември 2022 година, по што предлогот би одел во собраниска процедура на усвојување кај пратениците.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање објаснија дека Законот за климатска акција е во фаза на ревизија и коментари од Секретаријатот на Енергетската заедница, заради негово доусогласување со Патоказот за декарбонизација на Енергетската заедница.

Законот за климатска акција годинава нема да се донесе, морало да се доусогласи со Енергетската заедница

Инаку, и Државниот завод за ревизија летово упати критики дека развојот на правната и стратешката рамка за координирана климатска акција во земјава се одвива со задоцнување од три години.

Неусвојувањето на Законот за климатска акција е ограничувачки фактор за реализацијата на целите определени со долгорочната Стратегија за климатска акција, велат ревизорите во Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност „Преземени мерки и политики од страна на РСМ/надлежни органи со цел ублажување на климатските промени“..

„Отсуствува механизам за следење на реализацијата на активностите дефинирани во стратешките документи донесени од институциите во однос на емисиите на стакленички гасови. Не се донесени значајни подзаконски акти кои се однесуваат на реализација на целите на енергетска ефикасност, додека Националниот и Акциониот план за климатски промени не се ажурирани, поради што не се создадени услови за ублажување на климатските промени“, се наведува во Ревизорскиот извештај.

Ревизорите со критики за спроведување на мерките за ублажување на климатските промени во земјава

Покрај Парискиот договор од пред шест години, лани во ноември во Глазгов на Конференцијата за климатски промени (КОП 26) земјава го потпиша и Климатскиот пакт од Глазгов, со кој речиси 200 земји се согласија на исполнување на целта да се задржи зголемувањето на глобалната просечна температура на 1,5 степени и на финализирање на преземените обврски од Парискиот договор од страна на земјите-потписнички.

КОП 26 го финализираше Парискиот договор за климатски промени

Од Центарот за климатски промени велат дека климатските политики не се препознаваат како приоритет од страна на креаторите на политики и донесувачите на одлуки, а воспоставените административни капацитети на национално ниво за нивно спроведување се само слика на таквата перцепција.

„Дополнително во земјава нема политички консензус околу содржината и насоката на климатските политики и начинот на имплементација. Според тоа, Законот за климатска акција ќе одговори на овие предизвици, односно ќе придонесе во намалување на јазот кој постои во однос на имплементацијата на климатските политики“, објаснува претседателката на Центарот за климатски промени, Бојана Станојевска Пецуровска.

Во однос на забелешката во Извештајот на ЕК за недостатокот на кадар во институциите, од Центарот за климатски промени предлагаат земјава да делегира одредени надлежности на граѓанските организации, со оглед дека дел од нив имаат подобри капацитети, а со крајна цел подготовка на поквалитетни политики и нивна поефикасна реализација.

„Што се однесува до финансиските средства, за жал, буџетот за животна средина најчесто и најдрастично „страда“ т.е се крати речиси при секој ребаланс на буџетот во последните години. Ваквата практика укажува дека прашањата од животната средина генерално, а климатските прашања не се исклучок, не се препознаени како приоритетни. Ова мора да се промени, но истовремено да се работи и на наоѓање на други извори на финансирање преку донатори и слично“, велат од Центарот за климатски промени.