Министерот Спасовски на заедничка прес-конференција со министерот за правда Маричиќ и вицепремиерот Љупчо Николовски. 30 март 2021. Фото: Снимка од екран

ГРЕКО дава позитивен коментар за измената на владината Уредба за примање подароци, подготвена од страна на мојот Кабинет и Министерството за финансии. Со оваа Уредба точно се пропишани процедурите за примање на протоколарни дарови од странски и домашни, физички и правни лица. Воедно, сумите за протоколарни подароци се ограничени на максимални 20 евра, посочи вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски на денешната прес-конференција во Владата, на која заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги презентираше точките од најновиот извештај за Северна Македонија од ГРЕКО, телото на Советот на Европа за следење на антикорупциските стандарди во земјите-членки.

Николовски рече дека во Извештајот, ГРЕКО позитивно го оценува донесувањето на новиот поприменлив Кодекс за етичко однесување на именуваните функционери, дава експлицитен позитивен коментар за измената на владината Уредба за примање подароци, но го поздравува и транспарентното објавување на имињата на сите советници во Владата. Вицепремиерот вети дека ќе продолжи спроведувањето на системските реформи што ќе доведе, како што оцени, до создавање функционален систем, со транспарентни институции во служба на граѓаните.

„Во извештајот за усогласување на Република Северна Македонија кој се однесува на исполнувањето на Препораките од Петтиот круг на евалуација на тема „Превенција од корупција и промовирање на интегритет на централната власт“, ГРЕКО нотира напредок во делот на препораките за борба против корупцијата. Тоа е показател за јасно изразената политичка волја за спречување и крајно искоренување на корупцијата“, истакна Николовски.

Етичкиот кодекс ќе важи за сите функционери

Со Кодексот за етичко однесување на именуваните функционери, потсети вицепремиерот, освен министрите и замениците министри, се опфатени сите функционери именувани од Владата, до најниско ниво.

„Особено е потенцирано дека се постапува согласно одредбите од Кодексот, односно дека веќе има случаи на разрешени функционери поради прекршување на Кодексот. Исто така се поздравува транспарентното објавување на имињата на сите советници во Владата, на официјалната веб страна. Во извештајот е нотирано дека веќе е изработен тест за интегритет на советниците на функционерите, преку кој се утврдува нивото на интегритет и способноста за детектирање за евентуални ризици од корупција. Со тоа ќе се проверат личните и професионални карактеристики на највисоките државни функционери како и нивото на познавање на практиките на антикоруптивно и добро владеење. Целта на овој тест е воочување на потенцијално ризичните коруптивни состојби, истите да бидат пример за останатите и секогаш во предвид да се има јавниот интерес“, рече вицепремиерот за борба против корупцијата.

Од вкупно 23 препораки на ГРЕКО, Северна Македонија целосно или делумно имплементирала 13 препораки, останатите преостанува да се имплементираат до наредниот извештај, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ. Ова, посочи тој, е втор последователен охрабрувачки извештај од ГРЕКО „што тој, говори за континуитетот на владините антикорупциски политики“.

„Европското тело ја оцени како целосно имплементирана препораката за објавување на имињата и висината на хонорарите на советниците на Владата и министрите, како и фактот дека за сите постојни и идни советници се применува тестот за интегритет. Исто така, се поздравува тоа што се предвидени и веќе се применуваат санкции за непочитување на Кодексот од страна на највисоките носители на извршни функции. ГРЕКО потенцира дека Владата обезбедила значителни финансиски, материјални и човечки ресурси за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, особено за развој на база на податоци и софтверски решенија“, изјави Маричиќ на денешната прес-конференција.

„Гледаме дека се отвораат предмети и постапки за лица, без разлика дали се дел од власта или опозицијата и без разлика на кое ниво на вршење на јавна функција се наоѓаат. Тоа е за поздравување и е единствениот начин суштински да се променат работите, пред се за доброто на граѓаните“, истакна Маричиќ.

Во однос на делумно или неимплементираните препораки, според Маричиќ, Владата ќе продолжи да работи и да ги исполни до септември 2022 година.

Реформите на полицијата продолжуваат

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави реформи во неговиот ресор, но и понатамошна работа на централната власт за создавање фронт за бескомпромисна борба против корупцијата на сите нивоа.

„Доследна, бескомпромисна и неселективна борба против корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност е еден од врвните владини приоритети. Таа е заеднички двигател на реформските процеси на повеќе институции, меѓу кои и Министерството за внатрешни работи, а резултатите на таа борба претставуваат резултати на нашата држава во целост! И, конечно, тоа не е борба од денес за утре, со ад хок решенија и резултати, туку цел сет на политики, мерки и активности кои во континутет ги преземаме за да обезбедиме трајни вредности на ова поле за нашата држава“, порача Спасовски.

МВР, информира тој, се зафатила со законски измени, и тоа во Законот за внатрешни работи и Законот за полиција, суштински за успешна имплементација на препораките.

„МВР формираше експертска група, која подготви измени на Законот за внатрешни работи и на Законот за полиција, целосно имајќи ги предвид Препораките на ГРЕКО, а текстовите на измените се веќе објавени на ЕНЕР и отворени за дискусија и коментари за пошироката јавност, додека во периодот што следи, овие предлог измени ќе влезат во владина, односно собраниска процедура. Се очекува предложените законски измени да бидат усвоени од Собранието на Република Северна Македонија најдоцна до септември 2022 година, со што овие препораки, вкупно 6, ќе бидат оценети како целосно имплементирани, охрабрува констатацијата на ГРЕКО дека законските измени кои МВР ги има подготвено се во насока на деполитизација на полицијата“, порача Спасовски.

Тој објасни за какви измени станува збор.

„Предвидуваат Оперативните наредби на полицијата да бидат издавани од Директорот на БЈБ, наместо од министерот за внатрешни работи, нови, дополнителни професионални и објективни критериуми за избор на директор на БЈБ, забрана за полициските службеници да членуваат во политички партии или да бидат носители на партиски функции, задолжителен тест за интегритет за сите кандидати за полициски службеници и вработени во МВР, редовна и континуирана проверка на интегритетот на сите постојни полициски службеници и вработени во МВР, како и проширување на бројот на вработени во МВР кои ќе бидат обврзани да поднесуваат изјави за имотна состојба и конфликт на интереси, а кои во овој момент не се опфатени со Законот за спречување на корупција и судир на интереси“, појасни Спасовски.

Министерот за внатрешни работи наведе дека, според оценката на ГРЕКО, успешно се исполнети препораките за јавно објавување на сите претставки и предлози покренати за дисциплинска и кривична одговорност на полициските службеници, назначување на посебни лица за интегритет во рамки на МВР и континуирани обуки на сите полициски службеници во врска со јакнењето на нивниот интегритет и спречувањето на конфликтот на интереси, и измена на етичкиот кодекс на полициските службеници, со што сега се регулирани прашањата за конфликт на интереси, случаи на корупција и примање дарови од страна на полициските службеници.