Есперанца е второто лице во светот кое природно оздравело од ХИВ

Фото: National Cancer Institute on Unsplash

Жителка на Аргентина која симболично е именувана Есперанца предизвика голема љубопитност во светот на науката и медицината. Се верува дека таа е второто лице на светот кое природно оздравело од ХИВ, без да користи лекови или каков било друг третман, објави Еуроњуз.

Се чини дека вирусот исчезнал од нејзиното тело, информира еден од авторите на скорешно истражување, со што жената е вториот човек на светот за кој се верува дека се излекувала од ХИВ. Матијас Личтерфилд од Генералната болница во Масачусетс, М.И.Т, Хардвард и еден од авторите на истражувањето, велат дека имале можност да анализираат над 1,2 милијарди клетки од пациентката и да бараат траги од ХИВ. Но, истражувачите не пронашле траги од вирусот во пациентката.

„Имавме шанса да ја анализираме и плацентата. Пациентката се породи минатата година и анализираме 500 милиони клетки од плацентата. Исто така, таму не пронајдовме траги од ХИВ. Заклучокот е дека тестиравме огромни количини на клетки, но ХИВ не пронајдовме“, вели тој.

Личтерфилд нагласил дека вирусот комплетно бил елиминиран од имуниот систем на пациентката, а претходно се верувало дека овие типови на пациенти воопшто не постоеле.

„Сега сме во позиција кога можеме да ги идентификуваме овие пациенти и да учиме од нив, со цел да сфатиме како ваков фантастичен исход е воопшто возможен“, дополнил тој.