АД ЕСМ со поволен кредит од германска развојна КфВ банка почнува нов циклус инвестициски проекти во обновливи извори на енергија, информираат оттаму. Како што објаснуваат во соопштение до јавноста, со парите ќе се гради фотоволтаичната електроцентрала Битола 2 и ќе се реализира втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“.
„55 милиони евра, се обезбедени преку заем со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии, по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс-период од 5 години. Договорот за заем денеска го потпишаа Мориц Ремé (Moritz Remé), директор на канцелариите на КфВ банка во Скопје и во Приштина и Лазо Узунчев, генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕСМ. Договорот за гаранција го потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и директорот Мориц Реме“, се наведува во соопштението.
На потпишувањето присуствуваше и заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, кој истакна дека проектот за проширување на ветерниот парк „Богданци“ е дел од Националната стратегија за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори.
„Реализацијата на двата зафати дополнително ќе го збогати портфолиото за обновливи извори на Македонија, ќе придонесе за дополнителна стабилност на енергетскиот систем и ќе влијае на намалување на зависноста од увоз на електрична енергија. Овие инвестиции ќе имаат и социо-економски придобивки затоа што ќе отворат нови таканаречени зелени работни места“, рече Лабудовиќ.
Како што објаснуваат одговорните во ЕСМ, ФЕЦ Битола 2 ќе се гради на рекултивирано земјиште во рамките на РЕК „Битола“ и ќе има инсталиран капацитет од најмалку 50 MW. Се очекува оваа електроцентрала да произведува околу 80 – 90 GWh електрична енергија годишно, што е доволно за потребите на над 20 илјади домаќинства. Ова ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно, со што ќе се придонесе за побрза декарбонизација на енергетскиот сектор.
Согласно проектот за проширување на ветерниот парк „Богданци“ на постојната локација на паркот, кој во моментов е со 16 турбини, со моќност од 36,8 MW, ќе се инсталираат уште четири ветерници со вкупен инсталиран капацитет од 13,6 MW, со што целосно ќе биде заокружен овој ветерен парк со вкупен инсталиран капацитет од околу 50 MW.