ЕСМ: РЕК Битола од ноќеска повторно произведува струја

Фото: ДИЖС

АД Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ) соопшти дека од три часот ноќеска, откако е завршена поправката на дефектот на Блок 1 на РЕК Битола, тој, односно електраната повторно произведува струја. Првиот блок беше исклучен вчера поради прекината цевка, а со тоа најголемиот производител на струја во земјава беше вон функција.

Имено, Блок 3 не работи откако дојде до пожар на неговата трафостаница минатата седмица, а Блок 2 е во редовен ремонт. Се очекува до крајот на оваа седмица и тој да биде ставен во функција.

„Продолжуват активностите за ставање во функција и на Блок 2, кој беше во ремонт. Се очекува до крајот на неделата и оваа постројка да биде ‘на мрежа’”, соопшти АД ЕСМ.