есм хец вруток
Фото: ХЕЦ, Вруток, ЕСМ

Во хидроелектраната „Вруток“ што е во рамки на ХЕС „Маврово“, заврши главниот дел од реконструкцијата за санирање на водостанските шахти, за што беа инвестирани околу 3 милиони евра. Како што соопштуваат од Електрани на Северна Македонија, ЕСМ, со овој проект ќе овозможи драстично намалување на загубите на вода, зголемување на производството, заштита од ерозија на околниот реон, како и заштита на реката Вардар од заматување.  

„Со санацијата на вертикалната шахта од Шарскиот довод која заврши пред две недели, а во 2021 и со санацијата на вертикалните шахти од Јеловски довод, ќе се реши проблемот со загуба на вода што трае од 2010 и ќе се овозможи поголема стабилност и функционалност на електраната“, информираат од ЕСМ.  

Проблемот со појавените извори под затворачница-XIX биле особено изразени во март 2010, кога се зголемиле од претходните 22 литри во секунда, на 62 литри во секунда, за во 2014 да дојдат до 250 литри во секунда и, конечно, во 2016, од 350 до 400 литри во секунда. Во 2017 менаџментот на АД ЕСМ започна постапка за обезбедување на сите потребни проекти за зафатот да биде издржан и траен. 

За овој специфичен зафат се издвоени средства од близу 3 милиони евра и со него се изведе санација која ќе овозможи да не се губат повеќе 11 до 12 милиони кубни метри вода годишно. Или попрецизно, како енергија, 17 до 18 гигават-часови електрична енергија, кои претставуваат 600 до 700 илјади евра неостварена добивка секоја година, поради загубата на вода. 

„Покрај стабилност на производството, се постигна и безбедност на системот и на човечките ресурси, како и продолжување на работниот век на електраната“, соопштија од ЕСМ.