фото: ЕСМ

Во тек се неколку значајни проекти на подружницата „Енергетика“ на Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ), кои се од значење за жителите на населбите Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром. Како што сопштија од ЕСМ, во овој дел од Скопје, во тек се проекти за проширувањето на топловодниот систем, за модернизацијата на самата подружница, за изградба на гасна електрана и за поставување кровни фотонапонски електрани.

„Се проширува топловодниот систем кој ќе даде нови приклучоци за парно греење во населбите Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром. Станува збор за нови приклучоци за 350 домаќинства во Автокоманда, зајакнување на мрежата, заштеди за домаќинствата и можности за нови приклучоци во Железара, како, како и приклучување на греење на три нови згради во Гази Баба. Вкупната проценета вредност на инвестицијата изнесува 260.162 евра“, соопштија од ЕСМ.

Паралелно тече и проектот за модернизација на подружницата што подразбира реконструкција на трафостаниците Север и Југ и реконструкција и модернизација на електродистрибутивниот систем и имплементација на smart grid управување, што ќе чини околу 23 милиони евра.

Во рамките на „Енергетика“ планирана е нова гасна електрана со моќност од 50 мегавати до 200 мегавати. Вкупната вредност на инвестицијата е од 35.000.000 евра до 140.000.000 евра. Новата електрана треба да го надополни недостигот од струја во зимскиот период и да обезбеди производство на енергија и топлина од природен гас, со што ќе се постигне намалување на вкупните емисии на CO2, SO2, NOx и тврди честички во вкупниот процес на производство на АД ЕСМ.

За поставување кровни фотонапонски електрани на објекти и постројки во „Енергетика“ и на трафостаницата Југ, ќе се инвестираат 75.000 евра.

Дел од овие проекти се веќе започнати со кредитирање од меѓународни финансиски институции, а дел се дел од Интервентниот план за инвестиции од Владата.