Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски | Фото: Принтскрин

АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) попладнево остро ја демантираше веста дека во време кога во РЕК Битола при вршење работни задачи загина работник, генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, напишал и на Фејсбук објавил песна за Зоран Заев.

Со такви тврдења излезе „Лидер“, по што веста беше преобјавена и од „Курир“, „Нетпрес“, „Експрес“ и некои други медиуми.

„Порталот лидер.мк објави лажна вест за наводен денешен ФБ статус на генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски ставајќи ја истата лажна вест во контекст со денешната трагедија во рудникот Суводол во РЕК Битола.
Ваквата лажна вест, извртување на факти и пласирање неточна слика за менаџирањето на компанијата и комбинатот во услови на човечка трагедија е целосно непрофесионална од порталот лидер.мк, како и од курир.мк, нетпрес.мк и експрес.мк кои истата лажна содржина ја реобјавија, како и од сите други медиуми кои истото ќе го направат“, се вели на почетокот на демантот.

АД ЕСМ вели дека генералниот директор и целиот Управен одбор од утрово се во РЕК Битола, веднаш по добивањето на трагичната вест, дека се утврдува фактичката состојба, а исто така ќе биде контактирано семејството на кое ќе му биде укажана целата помош која му е потребна во моментов, но и во следниот период.

Од државното претпријатие за производство на струја велат дека Фејсбук-постот со песната која е претставена како објавена денеска, всушност е објавена на 23 април 2016 година, на приватен профил кој директорот Васко Ковачевски не го користи од 2018 година, откако бил назначен за директор на РЕК Битола, а профилот бил деактивиран пред повеќе од две години. Во прилог на демантот, ЕСМ испрати до медиумите скриншот од Фејсбук-постот, на кој јасно се гледа датумот.

АД ЕСМ побара веднаш да биде повлечена лажната вест од сите медиуми каде е објавена и да се објави точната информација, како и објава на демантот на медиумите каде е објавена спорната содржина.