fbpx

Ескобар: Тензиите на Косово се резултат на несоработката на Приштина со меѓународната заедница

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар рече дека напорите на меѓународната заедница да се координира со Владата на Косово наидоа на отпор

-

Ескалацијата на северот на Косово делумно е резултат на неподготвеноста на официјална Приштина да ја слуша меѓународната заедница, изјави за Би-би-си американскиот пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Тој додаде дека порастот на тензиите на север можеше да се избегне:

„Оваа ескалација делумно е резултат на неподготвеноста на косовската страна да ја слуша меѓународната заедница. Таа предизвика тензии, непотребно, со инсистирање на користење на општинските објекти. Има и други згради од кои можете да работите, а ако ништо друго, пандемијата на корона вирусот нè научи дека можеме да работиме и од алтернативни локации“, рече Ескобар, а пренесува Радио Слободна Европа.

Ескобар рече дека напорите на меѓународната заедница да се координира со Владата на Косово наидоа на отпор.

„Немаше потреба да се оди во тие згради. Тие немаат вистинска вредност. Курти нè увери дека овие градоначалници ќе ги извршуваат само основните општински задачи“, објасни Ескобар.

Ескобар повтори дека циклусот на насилство мора да се прекине и дека двете страни, Косово и Србија, имаат одговорност да дејствуваат во таа насока.

„Многу членови на меѓународната заедница ја гледаат оваа ситуација како конфронтација меѓу Косово и Србија. Но, мораме да запомниме дека и овде има неуспех да се постигне етничко помирување во Косово. Ги охрабривме двете страни да се вклучат во дијалог“.

Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, на 30 мај изјави дека поради некоординација на Владата на Косово со САД, во врска со акциите на северот, Приштина е исклучена од најголемите воени вежби на сојузниците на НАТО во Балкански регион, Дефендер Европа 2023 година.

Политичките претставници на српската заедница во Косово ги бојкотираа вонредните локални избори на 23 април, кои резултираа со избор на градоначалници од албанската заедница во четири општини на северот на Косово.

Новоизбраните градоначалници од албанска националност во три општини на север дадоа заклетва во алтернативни простории.

Во зградата на општината заклетва даде само новиот градоначалник на Северна Митровица, Ерден Атиќ.

Градоначалниците на Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ со помош на полицијата во петокот, на 26 мај, неколку дена по давање заклетва влегоа во општинските згради.

Ова доведе до протести истиот ден.

На 29 мај протестот прерасна во насилство меѓу членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР и демонстрантите.

За време на немирите беа повредени 30 припадници на мировните сили и 52 лица од српска националност.

Насилството го натера НАТО да испрати дополнителни 700 војници на Косово, покрај 4.000-те што веќе се во земјата.

Од почетокот на тензиите, меѓународната заедница постојано повикува да се преземат чекори за смирување на ситуацијата.

Претседателката на Косово Вјоса Османи и премиерот на Косово Албин Курти дадоа индикации дека може да се распишат нови избори за четири општини на северот.

Во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, групи граѓани од вторникот, 30 мај, секојдневно протестираат против новоизбраните градоначалници Албанци на општините.

ИзворРСЕ

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...