Дигитален мамограф,Клиничка болница Битола | фото Министерство за здравство

Во државава постојат програми за скрининг (рано откривање) на ракот на грлото на матката и ракот на дојката, но сепак, реално нема сеопфатен и организиран скрининг за овие малигни заболувања. Жените умираат од причини кои навремено можат да се спречат, доколку соодветно се спроведуваат скрининг програмите на рак на грло на матка и рак на дојка, соопштија од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, ЕСЕ, по повод 4 февруари, Светскиот ден за борба против карцином.

„Со средствата од Министерството за здравство за скрининг на рак на грло на матка се предвидува опфат на само околу 30 оттсо од жените од целната возрасна група (од 24 до 60 години). Дополнително, во 2019 година е намален буџетот на оваа програма за 2,8 милиони денари. Воедно, поради недостиг на матични гинеколози, само 60 отсто од жените имаат избрано матичен гинеколог. Сето тоа води кон фактот дека само 28 отсто од жените сет опфатени со оваа програма, за период од шест години (2012 – 2018 година). Состојбата е далеку понеповолна помеѓу жените Ромки, бидејќи само 9,5 отсто од нив се опфатени со оваа Програма во истиот тој период“, информираат од ЕСЕ.

Со програмата за скрининг на рак на дојка во 2019 година биле опфатени само 0,7 отсто од жените на возраст од 50–69 години, а поразителна е состојбата кај Ромките, бидејќи само четири од 270 анкетирани Ромки од Шуто Оризари биле поканети на преглед на дојки за период од цели четири години (од 2015 до 2019).

„Програмите за скрининг на ракот на грлото на матката и ракот на дојката се од особено значење за здравјето на жените и навременото откривање овозможува навремено и соодветно лекување. За споредба, во европските држави опфатот на жените со овие програми е над 75 отсто“, посочуваат од ЕСЕ и апелираат Министерството за здравство веднаш да ги зголеми финансиските средства за овие Програми и да овозможи соодветна координација за нивно спроведување.

Мотото на кампањата на Светскиот ден за борба против карциномот за 2021 година е Together, all our actions matter (Заедно, секоја наша акција е важна). Целта е да се изврши притисок врз владите и поединците во целиот свет да преземат акции против оваа болест.