Повеќе од 1.200 жени од 20 населени места во Македонија учестуваа на работилници за препознавање и пријавување корупција во јавното здравство, информираат во Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ. Kако што информираат оттаму, се одржале вкупно 80 работилници за девојки и жени на возраст од 18 до 80 години во Прилеп, Битола, Куманово, Тетово, Штип и Свети Николе како и во помали места населени места близу овие градови. Целта на обуките била да се утврди колку жените ги препознаваат коруптивните практики, но и да се унапреди нивното знаење и да се поттикнат да пријавуваат корупција во здравството.
„Сите учеснички направија тестови пред и по работилниците, а резултатите покажаа подобрување на свесноста и знаењето за тоа што сè претставува корупција и кои се можностите за пријавување на ваквите случаи. Најголем напредок се постигна кај информираност дека одредени гинеколошки и репродуктивни услуги законски се бесплатни, дека давањето подарок за подобра и побрза услуга е корупција, како и кај практичните чекори за барање информации од здравствените работници и пријавување корупција“, информираат во ЕСЕ.
Истражувањата покажале дека жените честопати се поизложени и поранливи на корупција во здравството, посебно при користење на гинеколошко-акушерските здравствени услуги.
„Токму затоа овие работилници беа насочени кон жените и зголемување на нивната моќ, не само да ја препознаат корупцијата, туку и да кажат стоп на ваквите штетни практики кои со години го нагризуваат системот на јавното
здравство во Македонија“, вели Дарко Антиќ Здружението ЕСЕ.
Загрижувачки се податоците дека околу 62 отсто од учесничките обуките изјавиле дека имаат отежнат пристап до здравствени услуги, а 58 отсто понекогаш или често имаат тешкотии да ги покријат основните трошоци за грижа за сопственото здравје.
ЕСЕ ги спроведе работилниците со поддршка на партнерските граѓански организации во проектот – Мајка од Куманово, Станица П.Е.Т. од Прилеп, Женски форум од Тетово и Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе.
