fbpx

ЕСЕ: Најмалку 100.000 граѓани немаат пристап до една или повеќе основни здравствени услуги

-

Ниски јавни расходи во здравството, забавени реформи за финансирање на здравствените услуги, ограничен пристап на илјадници граѓани до здравствена заштита, несоодветно планирање на буџетите за програмите за заштита на мајките и на децата, ниска едуцираност за детското здравје и мајчинството. Ова се само дел од заклучоците што беа изнесени на денешната прес-конференција на тема: „Како макроекономсккте политики влијаат врз пристапот до здравствената заштита на мајките и децата“, во организација на ЕСЕ, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

Според информацијата на ЕСЕ, во Република Северна Македонија јавните расходи за здравство претставуваат 4,79 отсто од БДП, приближно 3 отсто помалку од земјите на ЕУ и за 0,2 отсто помалку од препорачаната стапка со Декларацијата од Абуџа (најмалку 5 отсто). Вкупните јавни расходи во здравството во континуитет остануваат на речиси исто ниво секоја година, односно претставуваат, во просек, 55 отсто од вкупните расходи за здравство, што е за 22 отсто помалку од просекот на средства во земјите на ЕУ и за 13 отсто помалку од просечниот износ во земјите со високо, средно ниво на развој од регионот. Дополнително, околу 34 отсто од вкупните трошоци за здравство во РСМ се приватни трошоци на граѓаните за здравствени услуги.

„Економските реформи негативно влијаат врз пристапот на граѓаните до јавно здравствени услуги за што говорат и индикаторите според кои, најмалку 100 илјади граѓани немаат пристап до една или повеќе основни здравствени услуги, а пак најмалку 40 илјади граѓани се соочуваат со значајни финансиски потешкотии поради лични трошоци за добивање на здравствена заштита“, заклучуваат од ЕСЕ.

Што се однесува до програмата за скрининг на ракот на грлото на матката, која е од особено значење за здравјето, бидејќи навременото откривање овозможува навремено и соодветно лекување, ЕСЕ информира дека со средствата кои Министерството за здравство ги одвојува за оваа програма, се предвидува опфат на само околу 30 отсто од жените од целната возрасна група (жени од 24 до 60 години).

„Дополнително, во 2019 година е намален буџетот на оваа програма за 2,8 милиони денари, а воедно, поради недостиг на матични гинеколози, само 60 отсто од жените имаат избрано матичен гинеколог. Оттаму, само 28 отсто од жените се опфатени со оваа програма за период од шест години (2012 – 2018 година)“, стои во информацијата на ЕСЕ.

Исто така се посочува дека има несоодветно планирање и реализација на буџетот на програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата. Иако буџетот за 2018 година (17 милиони денари) бил зголемен за 7 милиони денари за разлика од 2017 година, со измените и дополнувањата во текот на годинава повторно беше намален на 15 милиони денари.

„Иако во 2018 година се планирани 20 едукативни работилници во ромски и рурални средини за детско здравје, имунизација, здраво бременост, мајчинство и доење, не е спроведена ниту една едукација. Податоците од теренот од најранливите ромски населби покажуваат дека само 13 отсто од родителите на малолетни деца во изминатите три години добиле здравствено едукативен материјал за детско здравје, вакцинација и слични теми“, стои во соопштението на ЕСЕ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...