fbpx

Ерлер: Однесувањето на Иванов се регистрира во Германија, но и во другите европски земји

-

Германскиот социјалдемократот и член на парламентарната Комисија за надворешна политика на Бундестагот, Гернот Ерлер, во интервју за „Дојче веле“ ја оценува ситуацијата во Македонија како „државна и уставна криза од највисок ранг“.

– Се надевавме дека по изборите ќе дојде до стабилизирање на ситуацијата, а сега сме сведоци на тоа претседателот Ѓорге Иванов да не го дава мандатот за влада, иако опозицијата е во состојба да состави мнозинска влада. Тоа е државна и уставна криза од највисок ранг – вели Ерлер.

Тој го коментира и одбивањето на Иванов да се сретне со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, за време на неговата посета на земјава на 21 март, и нагласува дека такви работи се регистрираат не само во Германија, туку и во другите европски земји.

– Ме радува што госпоѓа Могерини, како висок претставник за надворешна политика на ЕУ, многу јасно се изјасни околу тоа и му упати јасна порака на претседателот Иванов. И еврокомесарот Јоханес Хан беше во посета на Скопје. Повторно се случи нешто прилично невообичаено – претседателот одби да го прими. Такви работи, сосема јасно, се регистрираат не само во Германија, туку и во други европски земји. Сега повторно има прилично силен повик дека ваква ситуација, во која земјата практично нема влада иако има мнозинство за влада, е недозволива и тоа мора да заврши – нагласува Ерлер.

Тој во интервјуто доста јасно ги посочува луѓето за кои смета дека се виновни за ваквата ситуација, односно неможноста за составување нова влада во Македонија.

– Тоа не е можно, затоа што господинот Груевски стравува дека ако дојде до промена на власта, ќе се најде пред суд, па со помош на претседателот спречува промена на власта. Тоа е неприфатливо. Тоа многу ќе влијае на напорите на Македонија да стане призната членка на ЕУ-семејството. Најлошо е што Груевски и неговите луѓе во моментов се обидуваат да предизвикаат етнички тензии, со тоа што се полемизира против платформата на Албанците, за која има барања да стане дел од владината програма, при што главна точка е признавање на албанскиот јазик како државен. Се разбира дека може да се биде против такво нешто, тоа е нормално во една демократија – да се имаат различни ставови. Но, апсолутно е недозволиво и неразбирливо што се организираат демонстрации против Албанците. Тоа што се создаваат етнички тензии, кои се засилуваат, е неприфатливо и напорите на ЕУ сега се насочени против тоа. Ме радува што ЕУ сега стана многу активна во овој случај – заклучува Ерлер.

Гернот Ерлер, покрај член на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот, е и специјален пратеник на германската влада за Русија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Таткото на Вања Ѓорчевска оди во домашен притвор

По речиси пет месеци во притвор, Врховниот суд одлучи таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, да оди во куќен притвор. „По одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот...