Ергин Борова пливаше 13,5 километри во Охридското Езеро за децата со посебни потреби

Ергин Борова исплива 13,5 километри за да ја подигне свесноста за децата со посебни потреби. Фото: Лична архива на Ергин Борова

Во Струга во четвртокот се одржа активност за подигање на свеста за децата со посебни потреби, која привлече големо внимание.

Ергин Борова исплива хуманитарен маратон долг 13,5 километри од Охрид до Струга. Тој, како иселеник во Холандија, секоја година доаѓа на летен одмор во Струга, со намера да придонесе за својата земја. Има внук, дете со посебни потреби, по име Арменд. Гледајќи ги тешкотиите со кои се соочува неговиот внук во текот на секојдневниот живот во Струга, Ергин помислил дека во земјата има многу други како Арменд и тоа го натерало да ја реализира иницијативата за да им помогне на децата со посебни потреби, пишува Порталб.

„Целта поради која го споив пливањето со подигање на свеста за децата со посебни потреби е поради тоа што за оваа тема не се дискутира доволно. Има една африканска поговорка, која вели: „За да одгледаш дете, ти треба село. Меѓутоа, за да се подигне дете со посебни потреби, потребна е заедница“, вели Ергин Борова.

Тој во Холандија основал онлајн фондација наречена carefordisabledkids.com, што значи грижа за деца со посебни потреби. Целта на фондацијата е да се соберат средства за поддршка на иницијативи поврзани со ова прашање.

„По пливањето, некој ме праша дали ми беше тешко да поминам 13 километри, со оглед на мојата возраст? Реков дека е многу напорно. Сепак, знам дека има родители кои имаат деца со посебни потреби и на кои секој ден им е како пливачки маратон Охрид-Струга. Мислам дека она што го направив, го разбуди хуманизмот кај луѓето. Многу сум трогнат кога гледам колку луѓе се погодени од самата иницијатива. Бев крајно возбуден кога пристигнав во Струга, по 13,5 километри пливање. Оваа активност е многу посебна и важна за мене, но и за целата заедница“, рече Борова.

За да се реализира ваков проект, нормално е потребен голем тим. Ергин наиде на голема поддршка од своите сограѓани. Сите ја поздравија иницијативата и понудија помош. Еден од нив беше Еди Кела, кој вели:

„Ергин не го познавав лично. Но, со неговата сестра Рената се знаевме од порано. За оваа иницијатива бев информиран од статусот објавен од неговата сестра. Штом го видов, му пишав и му реков дека можам да помогнам за сé што му треба. Иницијативата на Ергин е божествена работа. Постојат работи во животот кои бараат поголема посветеност и хуманизам што ги имаме во себе, на што честопати поради модерниот живот забораваме. Во тек на разговорот со Ергин успеваме да изградиме нешто убаво“, вели Еди Кела.

Ергин, исто така, почна иницијатива за изградба на центар за деца со посебни потреби во Струга. Во овој центар ќе се одржуваат секојдневни активности, бидејќи секое дете со попреченост треба да вежба. Покрај тоа, децата ќе можат да живеат во дел од центарот, со помош на професионалци од оваа област. Се разговарало со Општина Струга, која го одобрила проектот, но и приватни компании така ќе дадат голема помош.