fbpx

Ердоган: Државниот удар е задушен, останувам со народот

-

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во обраќањето до јавноста по обидот за државен удар од страна на војската изјави дека одговорните жестоко ќе платат.

– Државниот удар е чин на предавство, но и „дар од Бога“ затоа што го организираше малцинство внатре во војската, кое сега ќе се исчисти. Организаторите ќе платат за тоа што го направија без разлика од која институција се – изјави Ердоган.

За време на обраќањето, Ердоган го спомна и неговиот најголем непријател, Фатула Ѓулен, за кој рече дека некои во војската ги слушале неговите наредби и дека обидот за пукање кон народот покажува дека организацијата на Ѓулен е всушност терористичка. Ѓулен го негираше учеството во државниот удар.

Турскиот претседател изјави дека нема да ја предаде Турција на окупаторите и истакна дека неговиот кабинет во Анкара функционира. Тој додаде дека ќе остане со својот народ и се заблагодари за поддршката што ја доби.

Ердоган со претседателскиот авион слета на аеродромот во Истанбул откако обидот за државен удар го прекина неговото летување во Мармарис.

– Турција ја водат лица кои се избрани од волјата на 45 милиони луѓе. Ние умееме да стоиме пред тенкови – рече Ердоган додавајќи дека излегувањето на илјадници луѓе на улиците бил „најдобар одговор“ на оние кои нелегално се обиделе да ја преземат власта.

Турскиот претседател потврди дека генералниот секретар бил киднапиран од војската и дека сè уште не е позната неговата состојба.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.