„Епл“ ги откри најпопуларните апликации и игри за 2020 година

Епл
фото: Aditya Joshi на Unsplash

„Епл“ (Apple) ги откри најпопуларните и најсимнувани апликации од неговиот виртуелен маркет, App Store, за 2020 година.

При претставувањето на најпопуларните игри и апликации, може да се забележи дека се истакнуваат две имиња: видео алатката „Зум“ (Zoom) и друштвената игра „Меѓу нас“ (Among US). И двете се најдоа на листите на најпопуларни бесплатни апликации и игри.

Ниту едно од двете имиња не претставува изненадување со оглед на тоа што, и покрај лансирањето во 2018 година, „Among US“ стана несомнено најголемата игра за 2020 година, при што редовно се наоѓа на првото место и на топ листите на Twitch, а во светот на стримингот ги привлече дури и политичарите. Особено популарна е мобилната верзија на играта, затоа што е бесплатна за преземање. На листата најпопуларни бесплатни игри после „Among Us“ следуваат „Call of Duty: Mobile“, „Roblox“, „Subway Surfers“ и други. Најпопуларна игра која се плаќа, пак, останува „Мајнкрафт“ (Minecraft).

Амонг Ас
фото: axel795 на Pixabay

На сличен начин како „Among Us“ се прослави и алатката „Zoom“ која годинава забележа масовен пораст, зашто стана простор преку кој луѓето и бизнисите низ целиот свет се поврзуваа и состануваа за време на пандемијата. На второто место најпопуларни апликации за 2020 година се наоѓа ТикТок, на третото стриминг платформата на Дизни, „Disney+“, по што следуваат Јутјуб, Фејсбук, Инстаграм и Снепчет.

„Епл“ исто така ги презентираше и „Apple Best of 2020“, годинешните награди за најдобри апликации. Компанијата годинава воведе нова серија на награди кои се одредуваат според тоа колку апликациите биле корисни. Компанијата им оддаде признание на петнаесет апликации и игри кои се покажале како најважни и од суштинско значење и кои го направиле животот полесен и поздрав годинава.

„Оваа година, повеќе од кога било досега, некои од нашите најкреативни и најповрзани моменти се случија во апликациите. Ова се случи благодарение на неверојатната работа на програмерите кои претставија свежи и корисни искуства со апликациите годинава. Низ целиот свет видовме извонредни напори од толку многу програмери и овие Best of 2020 победници се 15 извонредни примери за ваквата иновација. Од помагање за да останеме во форма и внимателни, преку одржување на образованието на нашите деца на вистинскиот пат, до помагање во борбата против гладта, нивното влијание беше значајно за многумина од нас“, стои во известувањето од „Епл“.

За апликација на годината на iPhone, „Епл“ ја прогласи апликацијата за вежбање „Wakeout!“.

Апликација на годината на iPad, пак, е алатката за видео состаноци „Zoom“.

„Eпл“ им оддаде признание и на неколку игри, меѓу кои и на одамна познатата „Pokemon Go“ коja го доби признанието за иновативен начин на играње. Оваа игра годинава ја доживеа најголемата промена, зашто им овозможи на играчите да „ловат“ покемони од дома, наместо да ги бркаат надвор.

Целосната листа „Best Apps of 2020“ на „Епл“ може да се погледне овде.

Како признание на петнаесетте апликации, дизајнерите на „Епл“ ја создадоа првата физичка „App Store Best of 2020“ награда изработена од 100 проценти рециклиран алуминиум, која од едната страна го содржи логото на App Store, а од другата името на победникот.

App Store
App Store/ фото: James Yarema на Unsplash