Од денешната „забава“ на музичарите и угостителите пред Владата | Фото: Арбнора Мемети

Пред Владата протестираа угостителите и музичарите затоа што не им се допаѓаат мерките против ковид-19, претходно во Тетово и Куманово против онлајн наставата протестираа средношколците, а вчера протест против поскапувањето на струјата организираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ. На денот кога е забележан рекорден број на 317 новозаразени со ковид-19, од кои 182 во Скопје, епидемиолозите потсетуваат дека секој собир е ризик за ширење на ковид-19.

Протест на музичарите и угостителите пред Владата | Фото: Арбнора Мемети

– Каде има групирање, има и ризик од ширење на вирусот. Треба да се избегнуваат групирања без оглед на тоа што се на отворен простор. Ако веќе мора да одат на протест, нека си носат маски. Ние половина година константно имаме проблем, не сме имале досега ниту еден ден без ковид случај и ден без смртен случај – вели Алексндар Стојанов, епидемиолог и директор на Центарот за јавно здравје.

Проф. д-р Никола Пановски пак, е на став дека протестот претставува ризик, но од досегашното искуство од групирањата на протести во светот, покажало дека не скокнал значително бројот на заразени.

– Вирусот може да се пренесе од човек на човек ако се блиску еден до друг. Ако е еден заразен, може двајца-тројца да зарази. Протестот е ризик, но не за масовно ширење. Контрадикторни се во партијата ВМРО-ДПМНЕ кои се залагаа да нема избори заради заштита на здравјето на граѓаните, а сега самите организираат протести и собири. Во секој случај, нема податоци дека после протест бројот драстично пораснал, еве во Бгарија се протестира и во Србија, но нема разлика значителна во бројот на новозаразени. Важно е да се носат маски. На отворено вирусот се шири од еден на друг, а не од аеросолите кои ги има во затворен простор – вели Пановски.

Фото: Арбнора Мемети

Според него, поопасни се собирите од типот на свадби, слави и забави по клубови и кафулиња, одошто протест на отворено.

– Вирусот масовно се шири во затворени помали простории. Тоа се случува и по пазари и протести, но собирањето внатре е најризично. Собирањата на младите, на кои се пее и вика се исто така опасни – додава професорот.

На денешниот протест пред владата музичарите побараа средба со претставници на владата за да им ги претставеле нивните мерки за заштита од ковид-19.

„Ние сме дојдени до финансиски колапс. Нашите објекти исполнуваат услови и можеме да донесеме подобри протоколи за работа“, изјави Горан Арсовски кој се претстави како претставник на ноќните клубови од земјава.