Според неделните извештаи на Институтот за јавно здравје за изминатиот месец, бележиме стабилизација на епидемијата во земјата. Речиси сите епидемиолошки параметри според кои се евалуира состојбата со епидемијата бележат тренд на намалување, освен бнројката на оздравени случаи која бележи зголемување, информираат во Министерството за здравство. Сепак, епидемиолозите предупредуваат дека ова не значи дека пандемијата е завршена.
„Во извештајот на Институтот за јавно здравје за периодот од 11 до 17 јануари 2021, процентот на позитивни од тестирани изнесува 16% што споредено со средината на месец декември (извештај на ИЈЗ за периодот 14-20 декември 2020г) е намалување од 13,3 oтсто, кога процентот изнесувал 29,3 отсто. Во истиот извештај од месец декември бројот на новодијагностицирани случаи со ковид-19 во една недела изнесувал 4.585, а во извештајот на ИЈЗ за минатата недела таа бројка изнесува 2.397, што покажува намалување од 48 отсто. За истиот период бројот на смртни случаи на неделно ниво е речиси преполовен, а значително е зголемен бројот на оздравени пациенти. Според вчерашната дневна статистика бројот на активни случаи изнесува 11.924. Споредено со истиот датум во декември кога бројката е 21.979, бројот на активни случаи е намален за 46 отсто“, информираат во министерството.
Епидемиологот д-р Александар Стојанов, доскорешниот директор на Центарот за јавно здравје вели дека стабилизацијата не значи дека можеме да се опуштиме.
„Да не заборавиме дека кога на почетокот беа вакви бројките, се фаќавме за глава. Не треба да има опуштање. И така доцниме со вакцината, која требаше да ги амортизира бројките. Секаде во Германија, во Англија, растат бројките. Кај нас бројките паѓаат, ние и помалку тестираме. Што ќе се случеше ако тестиравме повеќе, колку ќе имавме асимптоматски случаи? Затоа сметам дека треба да продолжиме да внимаваме“, вели Стојанов.
И проф. д-р Никола Пановски е на став дека треба да се внимава.
„Кафулињата ќе работат до 21, па до 23 часот и затоа очекувам да има благо зголемување на бројките. Во секој случај не смееме да се опуштаме, треба да чекаме вакцина и да дојде пролет. Кога ќе стопли ќе излеземе надвор полесно, на растојание. Не гледам зошто би се опуштале сега, зашто ќе почне да се шири, особено ако дојде тој мутиранот вирус. Треба да се внимава затоа што сè ќе биде џабе. Да бидеме трпеливи уште малку. Треба да се знае и дека најмалку 70 проценти од населението го нема пројдено вирусот“, предупредува Пановски.
Во Министерството за здравство порачуваат граѓаните да останат одговорни и да продолжат доследно и целосно да се придржуваат до мерките за заштита од ковид-19 и превенција од понатамошно ширење на вирусот.