fbpx

Епидемија на морбили ќе има до летото

-

Секој ден на Клиниката за инфективни болести се пријавуваат во просек од седум до 10 лица заболени од морбили, а тоа темпо укажува дека епидемијата ќе трае до летоска, проценуваат во Министерството за здравство.

За да биде прогласен крај на епидемија, треба два пати по 12 дена да нема пријавено ниту еден заболен.

На Клиниката вчера имало седум нови случаи, од кои една 24 годишна пациентка од Куманово била хоспитализирана.

– Тоа е мајка на заболено дете за која нема евиденција за примени вакцини. На Клиниката во моментов има вкупно 31 пациент, од кои 15 се возрасни, а 16 се деца. Во животозагрозувачка состојба е еден пациент на одделот за интензивна нега, кој е на механичка вентилација со тешка клиничка слика и е пациент со церебрална пазрализа и пневмонија. Со сериозна пневмонија е и едно седуммесечно дете – информираат на Клиниката.

Оттаму додаваат дека амбулантски се прегледани уште шестмина пациенти, кои се пуштени на домашно лекување, од кои едно е школско дете на седумгодишна возраст од Чаир, од училиштето „Тефејуз“, за кое нема евиденција за вакцинален статус. Останатите пациенти се возрасни, од кои најмладиот има 22 години, а највозрасниот 44 години, сите од Скопје.

Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираат дека изминатата недела биле пријавени вкупно 82 сомнителни случаи, од кои 74 се класифицирани како мали сипаници (лабораториски потврдени или со епидемиолошка врска). Од Скопје пријавени се 44 случаи на мали сипаници, а останатите 30 се од 9 други градови во Македонија.

– Она што загрижува е што има 25 илјади невакцинирани деца надвор од Скопје, што значи дека сè уште стои потребата да се засили вакцинацијата во другите градови. Она што Комисијата го препорача секаде каде што е прогласена епидемија, е дека важат сите мерки како и во Скопје – изјави директорот на ИЈЗ, д-р Владимир Микиќ.

Инаку, од почетокот на епидемијата во Скопје од декември 2018 година досега, во Македонија се регистрирани вкупно 412 случаи на мали сипаници, а од нив 362 се поврзани со епидемијата во главниот град.

Освен во Скопје, Куманово и во Тетово, епидемија е прогласена и во Гевгелија. Засега нема најава дека ќе се прогласи епидемија на државно ниво.

Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 16 градови од Македонија, од нив 321 случај од Скопје, 33 се од Тетово, 17 од Куманово, 9 од Гевгелија, 6 од Дебар, 5 од Гостивар, 4 од Кичево, во останатите 9 градови се регистрираат спорадични случаи.

„Вкупно од 113 заболени кај децата од 1-4 години, 104 или 92 отсто се невакцинирани. Од 181 заболен кај лицата над 20 годишна возраст, 72,3 отсто се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус“, информираат во ИЈЗ.

Од почетокот на епидемијата досега се вакцинирани вкупно 13.838 деца. Во Скопје од почетокот на епидемијата вакцинирани се 9.216 деца, од вкупно 16.361 невакцинирани деца на предучилишна и училишна возраст.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...