По повод 11-иот роденден на српскиот сервис за проверка на фактите – „Истиномер“, на 14 декември (понеделник) со почеток од 16:00 часот ќе се одржи онлајн панел дискусија насловена како „Епидемија на лаги на Балканот“.

„Истиномер“, со седиште во Белград, Србија, е еден од основачите на Балканската мрежа за борба против дезинформации (АДН-Балкан).

На претстојниот настан ќе учествуваат претставници на организации за проверка на фактите од регионот. Специјален гостин ќе биде Даниел Функе, новинар од водечкиот американски сервис за проверка на фактите „Политифакт“, којшто ќе ги сподели своите искуства за проверка на фактите во време на пандемија.

Од самиот почеток на ковид-19 пандемијата, заедно со распространувањето на вирусот, на Интернет, во весниците, преку Вибер и Ватс-ап, дури и по СМС-пораки, се шират неточни и опасни информации за корона вирусот.

Дали поголем број граѓани успеаја да разберат колку е важно да се имаат прецизни и веродостојни информации? Пандемијата во исто време беше и предизвик и можност за факт-чекерите кои ја проверуваа точноста на информациите споделени на социјалните мрежи, но и тврдењата на истакнати експерти и други јавни личности. Само во рамките на #CoronavirusFactsAlliance основана од Меѓународната мрежа за проверка на фактите (IFCN), повеќе од 9.000 невистини за корона вирусот беа откриени и дебанкирани.

Главните прашања што ќе се разгледаат за време на панел дискусијата се следни: Што научивме за новинарството за време на пандемијата на корона вирусот? Како верификацијата на факти на сториите поврзани со пандемијата се одразуваат на работењето на регионалните сервиси за проверка на фактите и нивниот досег до јавноста и какво е влијанието на таквата содржина? Дали соработката помеѓу факт-чекерите и Фејсбук е ефикасна во намалување на ширењето на дезинформации на оваа социјална мрежа?

Главен говорник ќе биде претставникот на „Политифакт“, Даниел Функе, а во дискусијата ќе се вклучат и регионалните факт-чекери:

Милијана Рогач, новинар на „Истиномер“ од Србија;

Ана Бракус, новинар на „Фактограф“ од Хрватска;

Весна Радојевиќ, новинар на „Раскринкавање“ од Србија;

Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“ од Северна Македонија, организација – основач на сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и на онлајн ресурсниот центар CriThink.mk.

Модератор на дискусијата ќе биде новинарот на „Истиномер“, Синиша Дедеиќ.

За да добиете линк за пристапување кон онлајн дискусијата, треба однапред да се регистрирате ОВДЕ.

Симултан превод на српски и англиски јазик ќе биде обезбеден.