Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу бргу ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Една од најжешките теми моментално во балканските медиуми и на социјалните мрежи на корсниците е епидемијата на корона вирусот 2019, која почна во Кина и потоа почна да се шири низ светот, стасувајќи до Европа: Како и во други слични случаи, почнаа да се појавуваат и дезинформации на оваа тема „произведени“ локално.

Таков случај идентификуваше српскиот сервис за борба против дезинформациите  „raskrikavanje.rs“.

Станува збор за тема во српскиот весник „Вечерње новости“, која почнува со тврдење дека новиот корона вирус е создаден во лабораторија и е намерно пуштен за да ја заслабне кинеската економија.

„Тоа е најевтиниот начин на некоја економија да ѝ нанесете штета, бидејќи поради големиот број заболени застанува целото стопанство… Многу е веројатно дека новиот корона вирус е создаден во лабораторија за да се заслабне кинеската економија, која е во експанзија“, глави уводот статијата.

Притоа во текстот не е наведено дека е тоа констатација на новинарот или на еден од соговорниците во текстот, кој изнесува такви шпекулации.

Имено, веднаш под тоа во текстот се дава изјава на епидемиологот во пензија Радмило Петровиќ, во која вели дека му е сомнително тоа што вирусот се појавил „непосредно пред кинеската Нова година, кога Кинезите патуваат“.

Но освен овие шпекулации, не се изнесува ниту еден доказ или поткрепа за тврдењата, констатира „raskrikavanje.rs“, посочувајќи дека другите соговорници со кои се разговарало на темата ја оспоруваат таа теорија на заговор. Така, епидемиологот Зоран Радовановиќ, застанува против таквата шпекулација, велејќи дека е малку веројатно дека вирусот е создаден во лабораторија „бидејќи кога некој би сакал да води биолошка војна и да пушти вирус во еден дел на светот, другиот дел на светот би морал истовремено да се вакцинира, што би било тешко изводливо“.

Истиот наратив како „Вечерње новости“ го имале и агенцијата „Танјуг“, таблоидите „Инофомер“ и „Ало“, како и Радиотелевизија Војводина и други, како емисијата како „Ментално разгибавање“.

Но таквите тврдења не се поткрепени од реалноста, оти кога станува збор за биолошко оружје, тоа обично предизвикува поголема смртност од корона вирусот 2019, пишува „raskrikavanje.rs“.

Дезинформација за корона вирусот со друга содржина се појавила на грчката „Опен Њус“, во која во издание на вестите било пуштено видео како лекар во бел мантил се струполува и паѓа пред очите на пациенти и медицински персонал. Тврдењето во вестите било дека тоа се случило во болница во Вухан.

Но грчкиот сервис за борба против лажните вести „Ellinika hoaxes“ се зафатил со истражување на деталите околу ова видео, при што дознал дека лекарот со уште двајца негови колеги биле претепани од роднина на еден пациент кого се обидувале да го реанимираат. Откако пациентот починал, роднината се нафрлил на лекарите и почнал да ги тепа, а лекарот што се струполува бил тешко повреден.

Дополнително инцидентот не се случил во неделата, кога е емитувана содржината анализирана од „Ellinika hoaxes“, туку на 17 јануари, и тоа не во болница во Вухан, туку во болница во областа Хеѕианг, на 560 километри од Вухан.

Тоа новинарите го утврдиле кога ја пронашле првата објава на видеото.