Странското мешање во изборите се заканува на демократските општества во Европа, а ги потпомага анти ЕУ силите, десничарските екстремисти и популистите. Русија, која е најголем извор на дезинформации, годинава двојно ги удвоила своите напори, па од почетокот на годинава досега се забележани 998 случаи на дезинформации поврзани со Русија, наспроти вкупно 434 случаи во 2018 година, предупреди денеска Европскиот парламент (ЕП).

Европратениците денеска со 469 гласа „за“, 143 „против“ и 47 воздржани изгласаа резолуција за борба против лажните вести и вмешувањето во изборите, предупредувајќи дека обидите да се влијае на процесот на донесување одлуки во ЕУ ги изложува на ризик европските демократски општества.

Парламентот на ЕУ предупредува дека странското вмешување има систематски пристап, односно преку кампањи на социјалните мрежи, кибернапади на инфраструктурата поврзана со изборите или преку финансиските поддршка на политички партии во сите големи национални или европски избори. Придобивка од ваквото мешање имаат анти ЕУ силите, и екстремистичките и популистичките кандидати, се предупредува во разолуцијата изгласана денеска.

И покрај тоа што земјите-членки на ЕУ целосно или делумно забрануваат странски донации за политичките партии или кандидатите, странските чинители наоѓаат начин да ги заобиколат овие правила, предупредуваат европратениците, посочувајќи ги како типичен пример Националниот фронт во Франција, како и сомнежите кај медиумите за Партијата na слободата во Австрија, Лега во Италија и Leave.eu во Обединетото Кралство.

Покрај посочувањето на Русија како главен извор на дезинформации во ЕУ, ЕП ги осуди и „агресивните акции“ од земји вон Европа што сакаат да го поткопаат суверенитетот на кандидатките за ЕУ во Западен Балкан и од Источното партнерство.

Европската Комисија во декември 2018 година објави Акциски план за борба против дезинформациите. До крајот на 2020 година во членките на ЕУ ќе се одржат повеќе од 50 претседателски, парламентарни, локални или регионални избори.