Во денешната резолуција за Македонија подготвена од специјалниот известувач за земјава, Иво Вајгл, Европскиот Парламент (ЕП) оценувајќи ја ситуацијата во земјава порача дека мора да се почитува Договорот од Преспа, но и да се прави подобра заштита на судството од политичките влијанија и да се решат преостанатите прашања од областа на владеењето на правото, соопшти ЕП на својата официјална страница.

Европарламентарците преку Резолуцијата, во која беа вметнати и два амандани со кои се бара Унгарија да го екстрадира Никола Груевски на Македонија, ја поздравуваат „силната посветеност на земјата“ на целосното спроведување на Пржинскиот договор и Итните реформски приоритети „коишто доведоа до засилени напори во реформите чија цел е ЕУ“.

Но, Резолуцијата донесена од законодавното тело на Европската Унија исто така содржи и повик до државната власт да ја засили битката против перењето пари и против конфликтите на интерес. Се бара и подобра заштита на правосудството од политичките влијанија и решавање на преостанатите проблеми од областа на владеењето на правото „која се уште има сериозни предизвици“.

Резолуцијата беше усвоена со 470 гласа „за“, 116 „против“, а 46 пратеници беа воздржани.

Европскиот парламент во неа, посочувајќи дека консултативниот референдум на 30 септември годинава го немал потребниот одѕив, сепак ја поздравува одлуката на Собранието да го почне процесот на уставни измени за спроведување на Договорот од Преспа.

„Оваа спогодба го испраќа многу потребниот сигнал за стабилност и помирување во целиот Западен Балкан“, велат европарламентарците.

– Откако сите услови ќе се исполнат, членството на Македонија во ЕУ ќе осигури ветувачка иднина за нејзините сегашни и идни генерации. ЕУ исто така мора да ги исполни своите ветувања на земјата која предолго стои во чекалницата и може да обезбеди значителен придонес за стабилноста, безбедноста и напредокот на Југоисточна Европа во целост – порача специјалниот известувач за Македонија, Словенецот Иво Вајгл.