Енергетското планирање мора да е паметно за да не предизвика штета на локалните заедници и биодиверзитетот

Фото: Еко свест

Искористувањето на енергијата на сонцето и ветерот, како обновливи извори, е поставено како амбициозна цел при креирањето на Националниот план за енергија и клима (NECP), но сепак и во овој случај мора да се внимава да се идентификуваат најдобрите локации за овие инвестиции, за да се спречи било каква штета врз локалните заедници и богатата биолошка разновидност на земјата, посочуваат од еколошката организација „Еко свест“. Информираат дека заедно со The Nature Conservancy (TNC) и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) минатата година започнаа проект преку кој преземаат чекори за полесно надминување на овие предизвици со кои ќе помогнат да се исполни амбициозната енергетска стратегија, а од друга страна и ќе ги идентификуваат можностите кои ќе го забрзаат развојот на енергетски проекти од обновливи извори во С. Македонија.

„TNC ја поддржува оваа иницијатива како начин за развивање локални практики во паметно и инклузивно енергетско планирање. За енергетската транзиција да продолжи да се развива, потребен е спој на академската заедница, граѓанските здруженија, креаторите на политики, но и на локалните заедници кои треба да бидат вклучени. Задоволни сме од поддршката на Владата на РСМ за овој проект и се надеваме дека неговите резултати ќе бидат директно применети од државните институции за да ги исполнат зацртаните цели,“ истакна Игор Вејновиќ од TNC на завршната конференција од првиот дел на проектот на која учествуваше и министерот за животна средина Насер Нуредини.

Според Александар Дединец од МАНУ развојот на обновливите извори на енергија е тесно поврзан со преносните и дистрибутивните капацитети на мрежата и локациите каде ќе се градат и во процесот на планирање треба да се земат предвид бројни ограничувања.

„Во нашето истражување, посебно внимание се посветува на јаловината и рудниците, како потенцијални локации кои може да се обноват, а сега можат да се користат како основа за развој на обновливи извори на енергија“, потенцираше Дединец.

Друг аспект од проектот беше идентификување и вклучување на засегнатите страни. Беа спроведени јавни анкети и серија на фокус групи, при што беа прибирани мислења и ставови на релевантни групи, започнувајќи од владини институции на централно и локално ниво, енергетски компании, земјоделци, заштитари, граѓански здруженија и експерти кои работат на еколошки и социјални аспекти.

„Наодите од нашата анкета и фокус групите, покажаа дека граѓаните се многу загрижени од потенцијалното негативно влијание на енергетските проекти врз животната средина и локалните заедници. Токму затоа, енергетското планирање мора да биде инклузивен процес, во кој ниту едни потреби нема да бидат занемарени“, истакна Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.“

Преку овој процес беа развиени сет на препораки и принципи за паметно енергетско планирање, кои треба да бидат добра основа за забрзано и безбедно енергетско планирање кое ќе ја заштити нашата животна средина и нејзините ресурси. Резултатите на овој проект се доставени и до Владата и релевантните чинители, со цел тие да бидат интегрирани во процесот на енергетското планирање, и да бидат применети како принципи за одржлив енергетски развој на земјата.